Зарем 2020 не нѐ научи ништо?

Кога почна кризата со новиот коронавирус, често можевме да читаме како ова е период кога ќе научиме многу работи. Не зборувам за готвење, печење леб, ново хоби или нов јазик.

Мислевме дека ќе научиме да бидеме почовечни, дека ќе научиме кои треба да ни бидат приоритетите.

Мислевме дека ќе научиме да им кажуваме на луѓето дека ги сакаме и колку ни значат. 

Мислевме дека кога сѐ ова ќе заврши (или олабави) дека ќе станеме подобри луѓе и дека човештвото ќе се трансформира.

Но, искрено, не ми изгледа така. 

Повторно ја гледаме истата нечовечност, себичност, омаловажување, цинизам и исмевање.

Повторно гледаме ужасни глетки насекаде. 

Сите тие приказни за тоа како човештвото ќе стане подобро беа само тоа – убави мисли и приказни.

Секако дека има многу добрина на овој свет, ама во време кога не можеме да се прегрнеме, мислевме дека барем ќе си подадеме метафоричка рака и ќе си даваме душевна храна. Но, сѐ помалку го гледаме тоа. 

Нова нормалност? Не, нормалноста си е останата иста, само декорирана со маски и гелови за дезинфекција. Дури и ненормалноста си е останата иста. Сѐ тече, ништо не се менува.