Заработи прекршочна пријава затоа што навреме не поднела анкетен лист

Државната комисија за спречување на корупција на денешната седница донесе одлука да поднесе прекршочна пријава против актуелната в.д. директорка на Клиниката за хематологија, Ирина Пановска затоа што навреме не поднела анкетен лист.

Пановска е именувана на функцијата на 4.08.2017 година, а според законот има обврска при секое ново назначување да поднесува анкетен лист, односно на секои шест месеци.

Иако имала обврска четири пати до сега да поднесе завршен анкетен лист и потоа одново бидејќи е четирипати повторно именувана за в.д. директор, таа на 15.05 доставила анкетен лист за сите именувања одеднаш. Констатираме дека тоа е ненавремено поднесување, велат во антикорупциската комисија.