Денеска се навршуваат 19 години од трагичната смрт на Тоше Проески, една од најголемите македонски музички ѕвезди, чиј глас и песни и речиси две децении подоцна продолжуваат да живеат низ целиот Балкан.

На 16 октомври 2007 година Македонија ја разбуди трагичната вест дека Тоше Проески го загубил животот во сообраќајна несреќа кај Нова Градишка, Хрватска. Имаше само 26 години и беше на врвот на кариерата која веќе ги надминуваше границите на земјата.
Таа година одбележуваше една деценија од почетокот на професионалната музичка кариера и работеше на својот прв албум на англиски јазик. „The Hardest Thing“ беше објавен постхумно.
Тоше Проески е роден на 25 јануари 1981 година. Својот музички талент го покажал уште како дете, настапувајќи на фестивалот „Златно славејче“ во 1992 година, каде што испеал песна на влашки јазик.
Професионалната кариера ја започнал со настапот и победата на „Мелфест“ во Прилеп во 1997 година, по што следувале бројни фестивалски настапи, албуми и концерти во земјата и регионот.
Во 2004 година ја претставуваше Македонија на Евровизија во Истанбул, а истата година стана и амбасадор на УНИЦЕФ.
Во текот на кариерата објави седум албуми, а дел од неговите изданија беа објавени и на српски и хрватски јазик. Последниот албум, „Игри без граници“, беше промовиран само две недели пред неговата смрт.
Последниот концерт го одржа на 5 октомври 2007 година на Градскиот стадион во Скопје. Концертот имаше хуманитарен карактер и беше посветен на подобрување на условите во образованието.
Деветнаесет години подоцна, песните на Тоше и натаму се слушаат, неговите концерти и настапи се паметат, а секој 16 октомври повторно потсетува на музичарот кој зад себе остави наследство многу поголемо од неговиот краток живот.