Запознајте го најстариот скопјанец: Дедо Ангел на 103 години не пие ниту едно апче

Нема да верувате, најстариот мој пациент од вкупно 1.300 има 103 години, а витален е и изгледа како да има 60. Не пие никакви апчиња, ниту за висок притисок, зашто му е нормален - 120 со 80, ниту лекови за срце, па ЕKГ-наодот покажува нормален синус-ритам. Ја има и најдобрата фракција на ХДЛ-холестеролот, кој е одговорен за долговечноста., пренесува Дневник.

Овие вредности за нас другите се само сон, ни рече д-р Димитриос Kоркоријадис, матичен лекар на еден од најстарите скопјани - Ангел Зафировски, кој живее во село Драчево. Дедо Ангел пред три дена 103. пат дувал свеќички на роденденска торта. Тоа беше и доволен повод, заедно со лекарот, да го посетиме дедо Ангел за да се увериме во овие карактеристики својствени на идеално здрав човек.

Во куќата на „Солунска глава“ 5, каде што се родил и каде што сега живее, стокмен во костум и со качкет на главата, црвен во образите и расположен, со покриена чаша за вода пред себе, дедо Ангел завчера н` пречека како најдобар домаќин. Не можевме да одолееме и да не го запознаеме славеникот кој носи цел век на своите плеќи.

- Мој докторе, добро ми дојде. Многу сум задоволен и не те менувам зашто добро се грижиш за мене и постојано ме посетуваш и дома кога ќе те викнам. А јас знаете, малку јадам, колку да не сум гладен, ракија никогаш не сум пиел, по тоа не се угледав на моите, пијам само вино по една чаша, а најсреќен сум бил кога сум учел занает во Скопје, за терзија. Татко ми доживеа 98 години, а мајка ми 80, сигурно дека се метнав на нив по долговечноста. Многу среќен бев кога се осамостоив уште на 14 години и кога ми се родија децата, а особено внуците и правнуците. Сум немал поголема криза во животот. Се женев на двапати, а двете сопруги ми починаа на многу помлада возраст - раскажува дедо Ангел.Тој е роден во 1913 година.