Започнува Светското првенство во ракомет, Македонија посакува влез во втората фаза

Светското првенство во ракомет, мажи, започнува денеска во своето 29. издание. Бранителот на титулата е Данска која воедно е најголем фаворит за златниот медал. За Македонија ова е деветтото учество на мундијалите, седмо во низа и во Групата Д, заедно со Унгарија, Холандија и Гвинеја ќе се бори за едно од трите најдобри места и за влез во Главната фаза. Стартот на ова СП Македонија ќе го има утре (20.30 ч), во дуел со Унгарија во Вараждин.

Ова е прво светско првенство што ќе се одржи во три земји, Хрватска, Норвешка и Данска. Учествуваат 32 репрезентации поделени во осум групи во прелиминарната фаза, а најдобрите три екипи од секоја група напредуваат во главната рунда. Осумте елиминирани екипи продолжуваат во Претседателскиот куп.

Бодовите од прелиминарната фаза на квалификуваните тимови се пренесуваат во Главната рунда во која има четири групи од по шест екипи. Најдобрите два тима во секоја од тие групи ќе поминат во нокаут-фазата која започнува со четвртфиналето… Финалето се игра во Осло на 2 февруари.

Македонија минатиот Мундијал го заврши како последна во групата и на крајот го освои 27. место од 32 тима. На овој Мундијал реална шанса на четата на Кирил Лазаров е да го поправи ова, иако тешко може да се замисли да стигнеме до деветото место што е најдобар пласман на црвено-жолтите на мундијалите (2015).

Македонија на овој Мундијал игра со сите ракометари од домашни клубови, што е првпат за нашата репрезентација на големо натпреварување. Младиот тим на Лазаров има потенцијал што го покажа на тест средбите, особено кога ја намачи Хрватска иако изгуби 27-25. Би било многу чудно Македонија да не се пласира во Главната фаза, но, тешка ќе биде задачата таму да пренесе бодови, затоа што е аутсајдер против Холандија и Унгарија. Нашата Група Д, за главната фаза вкрстува со Групата Ц, во која се Франција, Австрија, Катар и Кувајт.