
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска информираше дека започнуваат со реализација на еден од клучните инфраструктурни проекти за Општина Кисела Вода – целосна реконструкција на атмосферскиот канал „Црн Канал“, на потегот од улица Малешевска 1 до Мала Рада, во КО Драчево 2.
Станува збор за проект од големо значење за подобрување на атмосферската инфраструктура и заштита од поплави, кој се реализира во рамки на Унгарскиот кредит – Проекти фаза 2, како дел од програмата на Владата на РСМ за периодот 2025–2027 година, во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, посочи градоначалничката во објавата на Фејсбук.
Додаде дека изведувач на работите е компанијата Адра ДООЕЛ.
„Со оваа инвестиција директно се подигнува нивото на безбедност и функционалност на инфраструктурата во Драчево и се создаваат услови за посигурна и поквалитетна животна средина. Останувам целосно посветена на реализација на проекти кои носат реални решенија и долгорочни придобивки за граѓаните на Кисела Вода, со јасен фокус на модерна инфраструктура, подобрување на квалитетот на живот и зголемување на безбедноста во секое населено место“, порача Стаменкоска Трајкоска.