Започнува реконструкција на Универзална сала - до наредната година ќе биде спремна за концерти

Универзална сала ќе се реконструира во постојната големина и со постојниот изглед. Град Скопје со ребалансот на државниот буџет кој е во собраниска процедура и се очекува да биде изгласан во наредните денови, доби 2 милиони евра за реконструкција на концертната сала. Веднаш по префрлањето на парите на наменска сметка, ќе се распише тендер за изведувач и кон крајот на годинава ќе стартуваат градежните работи, пренесува порталот СДК

Градоначалникот Петре Шилегов вели дека со реконструкцијата Универзална сала ќе ја задржи својата автентичност.

„Нема да се врши доградување, ниту надградување бидејќи од Асоцијацијата на архтекти на Македонија кажаа дека на постојната локација поголем објект не може и не смее да има. Ќе се реновира внатрешноста и надворешноста на објектот и наесен догодина ќе биде спремен за концертнатата сезона“, вели градоначалникот Петре Шилегов, за СДК. 

Летово, Град Скопје распиша конкурс за идејно решение за парк на местото на Универзална сала, а нова концертна сала беше предложено да се гради на нова локација. Тогаш Шилегов кажа дека на овој простор, според мислењето на стручната фела, нема услови за градење на поголема сала, а дека на Скопје му треба вистинска концертна сала. Како нова локација тој ги посочи оранжериите на ЈП „Паркови и зеленило“.

Ваквата идеја на Шилегов предизвика голем број реакции во јавноста кои беа против уривање на концертната сала бидејќи e симбол на Скопје. Потоа, Шилегов кажа дека за него најсоодвентно решение е постојниот објект да се реконструира, а нов репрезентативен објект да се гради на нова локација.

„Првиот дел е завршен, Универзална сала реконструирана ќе ја вратиме на скопјани. Во исто време, ги продолжуваме разговорите со Министерството за култура за изградба на нова концертна сала во Скопје и буџетирање на средства за оваа намена“, додава Шилегов.

Универзална сала е затворена речиси 6 години, односно од 10 март 2015, кога на партиската трибина лидерот на СДСМ Зоран Заев ја пушти бомбата број 8 за изборни измами. По завршување на трибината на Заев, парче од таванот се откорна и падна врз седиштата. Тоа беше причина да се одложат сите планирани настани во Универзална, а одговорните тогаш одлучија место да го санираат само таванот, да се почека целосната обнова на салата.

Универзална сала е изградена после скопскиот земјотрес како донација на Бугарија и е копија на софискиот циркус.