Започнува 37-мо „Скопско лето“

На платото пред Македонската опера и балет утре вечер ќе биде отворено 37-мото издание на манифестацијата „Скопско лето“. Отворањето ќе биде проследено со гала оперски концерт како и изложба на скулптури со назив „Обичен човек“ на Жарко Башески.

Годинава „Скопско лето“, кое е во организација на Дирекцијата за култура и уметност - Скопје, а покровители се Министерството за култура и Градот Скопје, ќе биде со богата програма, која е составена од 52 уметнички настани. Овие настани се од различен карактер и истите се составени од 19 музички настани-концерти, 10 ликовни изложби, 9 театарски претстави, 11 филмски проекции.

Најмасовното „Скопско лето“ досега ќе го одбележи претставувањето на вкупно 900 уметници, од кои поголем дел од Македонија, но и гости од 19 странски држави.  Дел од „Скопско лето“ годинава ќе биде програмата Кафе-кино, која ќе се одржува од 2-ри до 11 јули во Сули ан, а собраните средства ќе бидат наменети за хуманитарни цели.

Детали во врска со распоредот на настаните на денешната прес-конференција објави директорот на Дирекцијата за култура и уметност на Град Скопје, Никола Глигоров, кој го нагласи воведувањето на голем број новитети во овогодинешното издание, пред се од аспект на локациите на одржување на настаните. „Скопск лето“ ќе зафати голем број отворени простори, како повеќето плоштади во центарот на градот.