Започната изградба на нов спортски центар во Идризово

Денес официјално започнавме со изградба на новиот спортски центар во населбата Идризово – проект што претставува уште еден чекор кон создавање подобри услови за спорт, рекреација и здрав живот за сите генерации, информираше преку социјалните мрежи градоначалникот на Општина Гази Баба, Бобан Стефковски.

Како што истакна тој, во рамките на овој спортски центар ќе се изградат: спортски терен со вештачка трева за мал фудбал, кошаркарски терен, фитнес зона на отворено и детско катче за најмладите.

„Континуирано инвестираме во спортска инфраструктура! Ова е четврти спортски центар кој се гради на територијата на општина Гази Баба во мојот мандат. Претходно изградивме спортски центри во Хиподром, Стајковци и Инџиково. Инвестираме во спортската инфраструктура, инвестираме во младите, во здрави навики, во иднината, вели Стефковски.

Тој додаде дека со ваквите проекти создаваат средина каде децата и младите ќе можат квалитетно да го поминуваат своето слободно време, далеку од пороците, а блиску до спортот и позитивните вредности.