Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Сокол Митровски, пратеници во Собранието на Република Македонија, поголем број на членови на Советот на Град Скопје, директори на јавни претпријатија на Градот Скопје, денеска присуствуваа на почетокот на градежните работи на втората фаза од проектот за пробивање на булеварот "Партизански одреди" кон Ѓорче Петров.
Со овој проект ќе се продолжи пробивањето на булеварот "Партизански одреди" од новиот кружен тек кај Порта Влае, кој е формиран помеѓу булеварот “Партизански одреди„ и улиците „Ацо Шопов“ и „Ѓорче Петров“, па се до кружниот тек кај црквата "Свети Петар и Павле", кој е формиран помеѓу булеварот „Македонска војска“ и улиците „Борис Сарафов“ и „Лука Геров“.
- На овој потег, кој е со вкупна должина од 500 метри, ќе се изврши реконструкција и проширување на постојаниот коловоз, со што ќе се добие современ, модерен булевар со 6 сообраќајни летни, по 3 во двете насоки, со вкупна ширина на коловозот од 21 метар. Булеварот ќе има средишно булеварско зеленило (жардињера) со ширина од 5 метри. Проширувањето и реконструкцијата на „Партизански одреди“ ќе се искористи за изградба на нова пешачка и велосипедска патека од двете страни, кои ќе бидат со ширина од 3, односно 2 метри, со што вкупната ширина на булеварот ќе изнесува 36 метри. Реконструкцијата и проширувањето на бул. "Партизански одреди" ќе се искористи за изградба на нова атмосферска канализација, на потег од 447 метри, а ќе се постави и ново улично осветлување преку поставување на 40 тросегментни столбови во висина од 10 метри, кажа градоначалникот Трајановски.
Претседателот на Владата на Република Македонија Груевски, изјави дека реализацијата на овој проект ќе придонесе за растеретување на секојдневниот сообраќаен метеж на оваа локација, при што ќе се добие побрзо и побезбедно одвивање на сообраќајот.
- Ваквиот начин на работа, со многу залагање и реализација на проекти за решевање на проблемите на граѓаните, дава одлични резултати. Изминативе неколку месеци на територијата на Скопје започнати се големи проекти во насока на подобрување на сообраќајот, каде ги започнавме втората фаза од проширувањето на бул. „Трета Македонска Бригада“ во Општина Аеродром, првата фаза од изградбата на новиот бул. „Христијан Тодоровски Карпош“ во Општина Бутел, третата фаза од проширувањето и реконструкцијата на бул. „Борис Трајковски“ во Кисела Вода, денеска сме тука во Ѓорче Петров, а наредниов период ќе го започнеме и пробивањето на бул. „Србија“ кон Кисела Вода. Градот Скопје продолжува да се гради, а вредноста на инвестициите во сите овие сообраќајни проекти изнесува околу 10 милиони евра, кажа Груевски.
Рокот на изведба на овој проект е 180 работни дена, а за неговата изведба Град Скопје ќе издвои околу 37,5 милиони денари, а градежните работи ќе ги изведува „Пелагонија“ од Гостивар. Уличното осветлување ќе го постави фирмата "Електра Скопје", а за истото Град Скопје ќе издвои 3,2 милиони денари. Со ова, вкупната инвестиција на втората фаза од проектот за пробивање на булеварот "Партизански одреди" изнесува околу 40 милиони денари.
Со реализацијата на овој проект, Скопје ќе добие уште една нова, модерна сообраќајница, што значително ќе ја зголеми безбедноста на сите учесници со сообраќајот, ќе се намали загадувањето и ќе се зголеми проточноста на сообраќајот во овој дел од градот.