Започна уредување на простор пред Врховниот суд за садење на дрвото гинко – ќе се сади наредниот четврток

Град Скопје почна со уредување на простор пред Врховниот суд за садење на дрвото гинко, на местото каде се наоѓаше споменикот на Андон Лазов Ќосето, дознава СДК.

Вчера екипи од ЈП „Паркови и зеленило“ го рамнеа просторот и садеа трева. Работниците велат дека добиле налог од Градот просторот да се уреди во мини парк.

Дрвото на човековите права кое го најави градоначалникот Петре Шилегов веднаш по отстранувањето на Ќосето, ќе се засади наредниот четврток, кога во Скопје ќе дојде делегација од збратимениот град Нирнберг. Од Нирнберг ќе биде донесена изгравирана плочка на која ќе биде испишан текстот од членот 10 од Декларацијата за човекови права на Обединетите нации кој гласи-секој има потполно еднакво право на праведно и јавно судење пред независен и непристрасен суд, при одредувањето на неговите права и обврски и во услови на какво и да е кривично обвинение против него.

Споменикот на Андон Јанев Ќосето, Град Скопје го тргна од пред Врховниот суд на 22 февруари. Тогаш градоначалникот Шилегов рече дека споменикот е отстранет бидејќи бил дивоградба.