Започна реконструкцијата на главната улица во населеното место Глумово (фото)

Започнаа градежните работи на реконструкцијата на главната улица во населеното место Глумово во Општина Сарај.

На почетокот на градежните работи присуствуваа градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, градоначалникот на Општина Сарај, Беким Мурати и директорот на ЈП „Улици и патишта“, Синиша Ивановски.

– Со овој проект е предвидена реконструкција на коловозот на оваа улица, од влезот на Глумово до тoчкaтa кaде штo се двoи пaтoт зa Гoрнa и Дoлнa Мaткa. На овој потег, којшто е во должина од околу 1.000 метри, ќе се изврши отстранување на горниот слој и ќе се нанасе нов асфалт, а ќе се реконструираат и тротоарите на местата каде што ги има. Сметам дека станува збор за исклучително важен проект, бидејќи станува збор за пат којшто е од голема важност за жителите на Грумово и од повеќе други населени места кои го користат секојдневно, но и за сите посетители на спортско рекреативниот центар Матка – кажа градоначалникот Трајановски.

Градоначалникот Мурати изјави дека соработката со Градот Скопје е одлична и дека истата резултирала со голем број реализирани проекти со кои е подобрен животот на жителите на Општина Сарај.

Работите на терен ќе ги изведуваат екипите на ЈП „Улици и патишта“, а за реализацијата на овој проект Градот Скопје ќе издвои 10 милиони денари. Се очекува реконструкцијата на главната улица во Глумово да биде завршена за околу 2 месеци.