Започна пријавувањето за стипендиите „Борис Трајковски“ на извршната МБА програма на Универзитетот Јорк

Отворен е конкурс за доделување стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус за академската 2022/2023 година. Стипендиите заеднички ги нудат Европскиот Кампус на Универзитетот Јорк, СИТИ Колеџ, претседателот на Република Северна Македонија и Министерството за образование и наука. Конкурсот е отворен до 23 септември на следниот линк.

Стипендиите ќе бидат доделени на 20 студенти за вонредни двегодишни студии. Учесниците можат да изберат една од шесте достапни специјализации, МБА по Општ менаџмент, МБА во Маркетинг, МБА во Финансии, МБА во Логистика и менаџмент, МБА во Управување во здравство и МБА во Управување со човечки ресурси.

Со аплицирање и стекнување на стипендија, кандидатите ќе студираат според Пан-европската извршна МБА програма и ќе имаат можност да се стекнат со двојна диплома, од Сити колеџ, Европскиот кампус на Универзитетот Јорк и од Факултетот за економија и менаџмент на Универзитетот во Стразбур.

Паневропската МБА програма е една од 300 програми акредитирани од Здружението на МБА програми (AMBA) и од Институтот за менаџмент, од Велика Британија (CMI), а вредноста на оваа извршна МБА програма во академскиот свет ја потврдува и заедницата од приближно 4000 учесници и дипломци досега.