Започна изградбата на урбаниот сквер меѓу Тафталиџе 2 и Нерези

Општина Карпош започнува со изградба на новиот урбан сквер – зелен парк, на потегот меѓу Тафталиџе 2 и Нерези, во близина на автобуската постојка на последна 24 – ка.

Станува збор за инвестиција од речиси 3 милиони денари (или поточно 2.997.632 денари), средства кои Министерството за животна средина и просторно планирање ги додели на Општина Карпош. Градоначалникот Стефан Богоев говореше за целосното разубавување на овој простор.

- Просторот ќе биде целосно опремен со нова урбана опрема, клупи за седење, корпи за отпадоци, штедливи лед-светилки, како и детско игралиште. Постоечкото зеленило ќе го надградиме со нови садници и дополнително ќе го уредиме, рече Богоев.

Рокот за изведба на овој сквер е 30 дена, а пред пет месеци (во април), на оваа локација се одржа и јавна презентација за проектот пред засегнатите граѓани кои живеат во околината.

- Ова е начинот на кој ќе комуницира Општината и во претстојниот период, а со членството на нашата држава во Европската Унија, дополнително ќе се зголеми вклученоста на граѓаните и организациите во процесот на донесување на одлуки на локално ниво, истакна градоначалникот.

Општина Карпош продолжува да се фокусира на микро локациите и на разубавување на просторот меѓу зградите. Покрај тековното одржување на хигиената, обновата на детските игралишта, локалната самоуправа е посветена и на овозможување на повеќе содржини за рекреација на сите граѓани и зголемување на зелените површини.