Започна изградбата на нова градинка во Волково

ицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, дополнителната заменик-министерка за труд и социјална политика Санела Шкријељ и градоначалникот на Ѓорче Петров Александар Наумоски, ја означија изградбата на нова градинка во Волково. Тие денеска го посетија градилиштето каде, како што најавија, за година и половина ќе биде завршена новата градинка.

Вложувањето во децата е најдоброто вложување што го прави државата и директно вложување во економијата, посочи вицепремиерката Царовска.

„Новата градинка ќе ги релаксира просторните услови на децата кои веќе одат во постоечките градинки во овој дел од градот и ќе се обезбедат многу посовремени услови за згрижување на децата. Како Влада навистина покажавме дека инвестирањето во предучилишното образование е наш висок приоритет. Само во две и пол години вложивме повеќе од 180 милиони денари, што покажува дека сакаме да ја подобриме инфраструктурата во детската заштита. Исто така, преку програмата на Светска банка, обезбедивме 15 милиони евра, за дополнителни инвестиции во градинките. Важно ни е и да се зголемува квалитетот на програмите за рано учење и ран детски развој. Ова го правиме со цел да го подготвиме новиот човечки капитал што го имаме во нашата држава, да може да ги пресретне современите текови на живеење и полесно да се справи со сите предизвици. Со тоа директно придонесуваме за развој на економијата и на државата во иднина“, нагласи Царовска.

Министерството за труд и социјална политика во буџетот за 2020 година издвои 105 милиони денари за реконструкција, опремување и изградба на детски градинки.

„Градинките не се места каде децата само се згрижуваат, јадат и спијат, туку тоа се места каде децата почнуваат да учат, да го осознаваат светот и да се социјализираат. Затоа е навистина важно секое дете да има еднакви можности за старт во живот а наша обврска како институции и од централната и од локалната власт е тоа да им го овозможиме. Токму затоа силно инвестираме во раниот детски развој. Вкупната инвестиција во оваа градинка е над 80 милиони денари, од кои околу 73 милиони денари се обезбедени од МТСП заедно со Светска банка“, рече дополнителната заменик-министерка Шкријељ.

Градоначалникот Наумоски рече дека градинката ќе биде најубавата во државата. Во градинката, што се гради во рамки на Проектот за подобрување на социјалните услуги, дел од детството ќе минуваат 175 деца.

Мината година платите на стручниот кадар во градинките пораснаа за 26 проценти. Во следните четири години опфатот на деца во предучилишно образование ќе се зголеми на 60 отсто. За да се оствари стратешката цел на Владата за вклучување на што повеќе деца во предучилишно образование, Министерството за труд и социјална политика работи на зголемување на пристапот и опфатеноста не само во градинките туку и на формирање центри за ран детски развој.