
Градоначалникот на Општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски сподели дека денеска официјално започнала реализацијата на еден од најзначајните инфраструктурни и образовни проекти во Општина Ѓорче Петров - доградбата на ООУ „Јоаким Крчоски“ во Волково.
„Заедно со претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски го означивме почетокот на изградбата на проектот кој има особена симболика, бидејќи се реализира во година кога училиштето одбележува значаен јубилеј - 80 години постоење и воспитно-образовна дејност“, истакна Стојкоски.
Со доградбата се предвидени: 8 нови училници, санитарни јазли, комуникациски ходници, скалишен простор, технички простории, топла врска со постојниот училишен објект, можност за идно поврзување со спортската сала и едносменска настава.
Проектот предвидува изградба на нов објект со вкупна бруто површина од 612 метри квадратни. .
„Со ова, значително ќе се подобрат условите за работа и ќе се растеретат постојните просторни капацитети со што ќе се создадат современи услови за образование и подобра организација на наставниот процес“, посочи Стојкоски.
Проектот е вреден 41.882.194 денари со вклучен ДДВ. Инвеститор е Општина Ѓорче Петров, со финансиска поддршка преку програмата за користење на средства за капитални дотации до единиците на локалната самоуправа за инфраструктурни проекти од областа на образованието и науката за 2025 година. Рокот за реализација е 12 месеци.
„Општина Ѓорче Петров продолжува со вложувања во образованието, создавајќи подобри услови за учење, развој и иднина на младите генерации. Нека е со среќа реализацијата на овој значаен проект“, порача градоначалникот.