Започна аплицирањето: Субвенции за соларни колектори и ПВЦ - алуминиумски прозорци

– Започна аплицирањето на домаќинствата за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци и за сончеви термални колекторски системи, информира денеска Министерството за економија.

Огласот за субвенциите, што е објавен на 30 март, ќе трае до крајот на август годинава. Доделувањето на надоместот ќе се врши по принципот „прв дојден прв услужен’’, сѐ до искористување на предвидените средства за оваа намена.

За надоместување на дел од трошоците за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци во домаќинствата до 50 проценти, но не повеќе од 500 евра во денарска противвредност по домаќинство, за  годинава е обезбеден буџет од 30.000.000 денари.

Надоместот на дел од средствата за купени и вградени ПВЦ или алуминиумски прозорци ќе можат да го остварат лица кои во своите домови имаат купено и вградено ПВЦ или алуминиумски прозорци, во периодот од денот на објавувањето на јавниот оглас, под услов  да не  го искористиле правото на поврат на дел од средствата за таква намена минатата година.

За мерката за надоместување на дел од трошоците за купени и вградени сончеви термални колекторски системи во домаќинствата за 2018 година, која се спроведува по деветти пат, буџетот изнесува шест милиони денари. Условите остануваат исти како и претходните години, односно се надоместуваат до 30 проценти од направените трошоци, но не повеќе од 300 евра во денарска противвредност по домаќинство.

За таа мерка можат да аплицираат сите домаќинства кои имаат купено и вградено во своите домови колекторски систем во периодот на траење на јавниот оглас и досега не користеле пари по тој основ.

Барањата за искористување на правото на надоместок на дел од трошоците, заедно со потребната документација, треба да се достават во затворен плик до Министерство за економија на адреса „Јуриј Гагарин“ бр.15 по пошта, или во архивата на Министерството, секој работен ден од 9:30 до 15:00 часот, со назнака за огласот за кој се аплицира.

Двете мерки се дел од Програмата за промоција на обновливи извори на енергија и поттикнување на енергетска ефикасност во домаќинствата за 2018 година, чиј носител е Министерството за економија.