
Македонската полиција заплени околу 40 тони марихуана по серијата претреси во Скопје и во Струмица, дознава Телма од извори во истрагата.
Иако дрогата наводно била одгледувана за медицински цели, начинот на кој била складирана и чувана укажува на тоа дека била наменета за шверц и продажба на „црниот пазар“.
Според изворите на Телма, првичната бројка од 27 тони, за која истражните органи брифираа претходно, веќе е зголемена на вкупно 40 тони.
Истрагата е директно поврзана со акцијата во Србија, каде беа пронајдени 5 тони марихуана за кои тамошните власти потврдија дека потекнуваат од Македонија. Во центарот на случајот е косопственикот на „Алфафарм“ ДОО Скопје, Иван Драгниќ, кој е уапсен под сомнение дека ја транспортирал дрогата преку граница до селото Коњух кај Крушевац.
Премиерот Христијан Мицкоски веќе изјави дека медицинската марихуана во овој случај незаконски била пуштана во промет.