Замрзнати се високите цени, велат граѓаните и се жалат на помала грамажа

Цените на основните прехранбени производи од денеска до крајот на септември ќе бидат замрзнати. Граѓаните се жалат дека мерката е задоцнета бидејќи цените се „отидени до плафон“, но она што дополнително ги револтира граѓаните е дека се намалува и количината, односно грамажата на одредени продукти кои се продаваат поскапо.

Киселото млеко од половина килограм сега е намалено на 400 грама, зејтинот наместо литар сега е 900 милилитри. Исто е и со шеќерот и солта кои се продаваат по помалку од килограм.

Зејтинот и натаму со шок цена, има најави и за поскапување на месото за 2-30 отсто.

Групацијата на месопреработувачи и месни индустрии, пак, преку Стопанската комора побара продолжување на мерката за ослободување од царина за замрзнато свинско месо наменето за преработка.

– Во спротивно на краток рок за две до три недели во зависност од тековните залихи прво ќе следи нов ценовен шок од 20 до 30 отсто зголемувања на цените на месните преработки од свинско месо, второ намалување на бројот на вработени за исто така 20 до 30 отсто, а на подолг рок, зголемување на увозот и престанок со работа на некои од месопреработувачките капацитети, изјавија од Стопанската комора.

Не стивнуваат реакциите на граѓаните кои велат дека едвај се врзува крај со крај, токму поради превисоките цени на храната. Многумина сметаат дека Владата би требало да ја укине акцизата за горивата, па така може да се очекува колку толку пад на цените на храната.

Синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ за мај изнесува 38.791,00 денари, а од јануари годинава е зголемена за 2 980.00 денари односно 8,32 %.