Замина Ведрана Рудан, жената која не ја ублажуваше вистината за да им биде полесно на другите

Денеска, на 76-годишна возраст, почина Ведрана Рудан – хрватската писателка, новинарка и колумнистка која со години го правеше она што не е секогаш пријатно, таа зборуваше гласно за работите за кои другите молчеа.

фото: Zorana Mandic/ATAImages

Често зборуваше за  стареењето, женското тело, бракот, мајчинството, насилството, сексот, политиката, сиромаштијата, лицемерието, смртта, без разубавување и без страв дека некој ќе се налути. 

Рудан е родена во Опатија, Хрватска, во 1949 година, а дипломирала хрватски и германски јазик на Педагошката академија во Риека. Работела како професорка, туристички водич и новинарка, пишувала за повеќе хрватски весници и работела во Радио Риека. Во 1991 година била отпуштена од радиото поради критиките кон претседателот Фрањо Туѓман. Подоцна, заедно со сопругот, отворила агенција за недвижности, а продолжила да работи како новинарка и колумнистка. 

Книжевноста ја освоила подоцна. Првиот роман, „Уво, грло, нож“, го објавила во 2002 година, кога веќе имала 52 години. Тоа е важен детал за нејзината приказна: Рудан не стана позната како многу млада авторка која уште од почетокот знаела дека ќе биде писателка. Својот голем книжевен глас го пронајде подоцна – и веднаш беше глас кој не можеше лесно да се игнорира.

фото

Пишуваше за жените затоа што и самата имаше што да каже. Во својот прв брак поминала 14 години и јавно зборуваше за брачно насилство. Токму тоа искуство беше основа за нејзиниот роман „Љубов на последен поглед“, објавен во 2003 година. Таа го опишуваше пишувањето како начин да се ослободи од траумата, но и како обид да им даде глас на жените кои се наоѓаат во слични ситуации.

Од првиот брак имала две деца – синот Славен и ќерката Асја. Славен Хрватин е психолог, а во еден период бил и еден од луѓето кои ѝ помагале околу нејзината веб-страница. Рудан и за мајчинството зборуваше на начин на кој малку јавни личности се осмелуваат. Не го романтизираше. Не веруваше дека жената автоматски станува подобра затоа што станала мајка. 

„Јас сум мајка која, како и повеќето мајки, ги сака своите деца, за среќа не безусловно“, напиша еднаш. А потоа додаде уште поконтроверзна мисла, или само контроверзна за Балканот: „Јас сум и жена која си дава за право да го сака својот партнер, најмногу, повеќе од сопствените деца.“ 

Нејзината книга „Да даде Господ мајка да те роди“ повторно тргнува од нејзиниот личен живот – овојпат од сложениот однос со мајката. Рудан пишуваше за вината по нејзината смрт, за чувството дека мајката и понатаму ја набљудува и ја осудува. Тоа беше уште една тема која таа не ја претстави како сентиментална приказна за безусловната мајчинска љубов, туку како комплициран, понекогаш болен однос меѓу две жени. 


Со Љубиша Драгелјевиќ, адвокат, живееше во Риека. Беа во брак околу три децении, но и тој брак не остана надвор од нејзината јавна приказна. Во 2021 година објави дека се разведува. Корона-кризата, како што тогаш објаснуваше, ѝ помогнала да сфати како навистина изгледа нејзиниот брак и каков живот сака понатаму.  Но Рудан никогаш не ја претвори приватноста во нешто недопирливо. Своите најболни искуства ги претвораше во литература, а своите најнепријатни мисли во колумни.

И затоа нејзините реченици често звучеа како шлаканица за многу луѓе кои не се навикнати на вистината.

„Јас сум бесмртна.“

Ова го кажа во интервју во 2025 година, кога веќе јавно зборуваше за својата дијагноза со рак. Кога ја прашаа која би била нејзината последна порака до јавноста, Рудан одговори во својот стил: „Јас сум бесмртна. Сметајте ја мојата смрт како одење некаде каде што нема сигнал.“ 

Во друго интервју, зборувајќи за смртта, рече: „Сите се плашиме од смртта, но смртта е нормален дел од животот.“

А за луѓето и нивните односи кажа: „Омразата ги движи луѓето, љубовта е ретка.“

Таа не беше авторка која се трудеше сите да ја сакаат. Нејзината сила беше токму спротивното. Знаеше дека ако кажеш нешто навистина искрено, некој ќе се препознае, но некој друг ќе се почувствува нападнат. И не се обидуваше да ги помири двете страни.

Нејзиниот блог „Како да умреш без стрес“ со години беше едно од најчитаните места на кое ги објавуваше своите размислувања за секојдневниот живот. Во 2015 година го прекина пишувањето на блогот, велејќи дека повеќе не може да ја поднесе омразата што ја гледа околу себе. 

Потоа продолжи да пишува книги. „Страв од плетење“, „Да даде Господ мајка да те роди“, „Зошто пцујам“, „Живот без крлежи“, „Плес околу сонцето“, „Пудинг од ванила“, „Доживотна робија“, „Бесплатна достава“, „Да умреш без стрес“ – насловите сами по себе покажуваат колку малку се грижела дали нејзината книга ќе звучи пристојно. 

А кога во последните години се соочи со болеста, не го промени тој глас. Напротив, стана уште подиректна. Пишуваше за лекарите, болниците, стареењето, стравот, децата, сопругот и сопственото умирање. Дури и кога зборуваше за најстрашното, одбиваше да се претвори во жртва.

Во еден текст за својата болест таа сведочеше дека откако добила рак, потребни ѝ се многу малку луѓе и дека најмногу го сака сопругот затоа што тој не се променил. Во истите текстови зборуваше отворено и за своите деца и за разочарувањето што го чувствувала поради нивната дистанца. 

Рудан не зборуваше често само за другите. Ги расклопуваше и сопствените илузии – за мајчинството, љубовта, бракот, стареењето, семејството и сопствениот живот. Не се претставуваше како совршена жена со совршени одговори. Беше контрадикторна, лута, ранлива, цинична, смешна и понекогаш сурова. Но никогаш не беше рамнодушна.

Денес, останува еден глас кој со години нè потсетуваше дека искреноста не е секогаш пријатна, дека жените не мора да бидат симпатични за да бидат силни и дека стареењето, болеста, мајчинството, љубовта и смртта не стануваат помалку вистински ако одбивамр да зборуваме за нив.

Ведрана Рудан знаеше дека вистината може да боли. Но никогаш не ѝ падна на памет поради тоа да ја замолчи.