Законски правила при вршење на видео надзор

Видео надзорот и следењето преку монитори е во постојан пораст и во Македонија.

Податоците кои се собираат при видео надзорот, најчесто се слики, кои се однесуваат на идентификувано лице или на лице кое може да биде идентификувано, директно или индиректно, со цел да се следи неговото однесување. Како што се шири следењето на луѓето преку видео надзор така се намалува слободата на движење и однесување на луѓето и нивната приватност. Посебно треба да се внимава на видео надзорот на работните места, велат од Дирекција за заштита на личните податоци.

Видео надзорот е во постојан пораст и тоа во различни подрачја. За разлика од порано кога само продавачите на големо или банките користеа видео камери, (заради следење на сопствените објекти и подрачјето околу нив), сега се поставуваат приватни камери по куќите кои имаат многу поголем опсег на снимање, во однос на потребата.

Секаде каде има поставено видео камери за следење, мора да постои јасен доказ кој е одговорен за камерата или под камерата да се стави известување на кое ќе биде наведено кој управува со истата. Одговорните лица мора да се придржуваат на одредени правила за тоа кои податоци и во колкав обем може да ги прибираат и да ги чуваат. Секој кој смета дека влегол во кругот кој е под видео надзор, има право да бара информација од одговорниот за камерата, за целта на поставување на видео надзорот рокот на чување на снимените материјали и сл.

Правила за видео надзор

Одговорното лице за видео надзор мора да ги информира сите кои ќе влезат во полето на снимање (видео круг) дека просторот се снима, преку истакнување на известување кое мора да биде јасно, поставено на видливо место и истакнато на начин што им овозможува на сите субјекти на лични податоци да се запознаат со вршење на видео надзорот.

Известувањето мора да ги содржи следниве информации:

Дека се врши видео надзор

За името односно називот на контролорот (одговорното лице) кое го врши надзорот

За начинот на кој може да се добијат информации за тоа каде и колку време се чуваат снимките од системот за видео надзор.

2. Одговорното лице (контролорот) со цел да ги заштити личните податоци кои ги собира, обработува и чува, мора да преземе соодветни технички и организациски мерки и да го уреди начинот на вршење на видео надзорот со посебен акт за да спречи евентуален неавторизиран пристап до податоците. Тоа значи дека само овластеното лице има право да гледа на екранот и да го прегледува снимениот материјал. Прибраните податоци мора да се чуваат заклучени и пристап до истите има само овластеното лице

3. Камерата мора да се постави под агол во чии видео круг ќе биде опфатено само она подрачје (цел) заради кое се поставува камерата. На пример, ако камерата е поставена во зграда не треба да се гледа што се случува во становите од зградата. Контролорот може да врши видео надзор само на просторот кој е доволен за исполнување на целите за кои е поставен. Тоа значи дека ако се поставува видео надзор заради заштита на сопственоста или контрола над влегувањето и излегувањето од службените или деловните простории целта ќе се постигне со поставување на камера само на влезот од објектот, а не во сите ходници, сали за состаноци, канцелари, предавални, холови и сл. Секогаш кога се поставува видео надзорот треба да се почитува правото на приватност на вработените, клиентите, учениците, студентите, пациентите, купувачите и останатите категории на субјекти на лични податоци.

4. Камерата се поставува заради заштита на луѓето и сопственоста, а не за друга цел. На пример, продавачот не смее да ги користи фотографиите за маркетиншки цели или за некоја друга незаконита цел.

5. Снимките не смеат да се даваат на користење на други освен ако е тоа потребно во евентуална доказна постапка. На пример, продавачот не смее да ги дава на користење или да ги продава фотографиите на друго лице.

6. Снимките согласно Законот за заштита на личните податоци се чуваат најмногу 30 дена (освен ако со друг законот не е предвиден подолг рок), а по истекот на овој рок истите мора да се избришат. Доколку е сторена штета и истата може да се утврди на снимките, тој дел од снимениот материјал може да се чува до завршување на постапката. Доколку на снимениот материјал ништо особено не се случува истите треба да се избришат.

7. По исклучок, снимките направени од видео надзорот може да се дадат на користење на Министерството за внатрешни работи единствено со судски налог.

8. Забрането е вршење на видео надзор во гардероби, соблекувални, санитарни чворови, лифтови и други слични простории.

Видео надзор на работното место

Следењето на работниците на работите места преку видео камери предизвикува негативно чувство (губење на концентрација) и непријатна работна атмосфера. Новата технологија, може да влијае на здравјето и физичката состојба на работниците и на работната способност. Видео надзорот на работното место може да се инсталира, само ако е потребно за заштита на животот или здравјето на луѓето, заштита на сопственоста, заштита на животот или здравјето на вработените поради природата на работата или поради обезбедување на контрола над влегувањето или излегувањето од службените или деловни простории.

Вработениот треба да биде информиран доколку е под видео надзор. Вработените не треба да се под постојан видео надзор. Работодавецот треба да ја почитува приватноста на сите вработени додека се на работното место, односно работодавецот мора да го почитува начелото на пропорционалност во однос на целта заради која се поставува видео надзорот.

Видео надзор во станбени згради

За вршење на видео надзор во станбените згради потребно е да се добие согласност од сите сопственици во станбената зграда. Воедно при вршење на овој вид на надзор забрането е снимање на влезови на индивидуални станови и на други сопственици, што значи дека е дозволено да се снимаа заедничкиот влез на зградата и останатите заеднички делови од станбената зграда без притоа да не се навлегува и нарушува приватноста на индивидуалните делови (станови).

Видео снимките од надзорот на станбените згради забрането е да се пренесуваат преку кабелска телевизија (јавна или интерна мрежа), преку интернет или други електронски средства за пренос на податоци.