Државата ги разгледува сите правни аспекти и законски одредби за вакцинацијата како задолжителен услов за запишување во градинка и училиште. За „Мета“, во Министерството за здравство (МЗ) објаснуваат дека поради одредени отстапки, во моментов и децата што не се вакцинирани се примаат во училиште, но тоа не смее да продолжи како практика.

– Со оглед на фактот дека повеќе години наназад не се почитува условот да се достави вакциналниот картон при упис во градинка и во училиште, се разгледуваат правните можности да се направи законска измена и во моментов е во тек континуирана комуникација со претставници на Министерството за образование и наука (МОН) и Министерството за труд и социјална политика (МТСП). Невакцинирањето носи сериозни ризици од појава на епидемија, која може да има и фатални последици, а се превенира со вакцинација. Одржани се повеќе работни средби на работна група, со претставници од МЗ, МТСП и од Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ). Со тоа што не се бараат вакцинални картони при упис и со севкупниот пад на опфатот на имунизација, се доведува во прашање намалувањето на колективниот имунитет, што е единствен услов за успешна превенција на овие инфективни болести. Во тој случај и вакцинираните деца ги доведуваме во опасност, а уште повеќе оние што поради возраста или здравствената состојба, не се вакцинирани – појаснуваат од МЗ.

Целта е интерресорски да се најде начин за долгорочно решение на овој проблем, бидејќи, како што велат во Министерството за здравство, не смее да се дозволи и понатаму пад на процентот на имунизирани.

По прогласувањето епидемија на морбили во Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести, во министерството уште еднаш потенцираат дека станува збор за болест што се превенира со вакцинација и апелираат до родителите да ги вакцинираат своите деца.

– Здравјето на граѓаните, а посебно на децата е врвен приоритет на  Министерство за здравство и треба да се има во предвид дека редовната имунизација создава колективен имунитет. Потсетуваме дека малите сипаници може да дадат тешка клиничка слика, како воспаление на белите дробови, воспаление на мозок, тешка дијареа и во одредени случаи и смрт, а вакцината е единствената безбедна и ефикасна мерка за спречување на епидемијата и заштита на децата од можните сериозни компликации на малите сипаници – потсетуваат од министерството.