Законот за отпис на долгови ќе важи и за натрупани сметки за неплатена радиодифузија

Опсегот на отпис на старите долгови да се прошири и на радиодифузната такса, освен камати, да се отпишуваат и долговите напревени пред 2014 година, а пред да почне постапката на отпис, доверителите да донесат одлука на своите управни органи и таа да биде објавена во медиуми.

Ова се нови предлози за дополнување на Предлог законот за отпис на камати за наплата на долгови, за да им се олесни на граѓаните кои имаат ненамирени обврски кон комуналните претпријатија.

За да се доуреди со овие предлози, Собраниската Комисија за финансирање и Буџет вчера не расправаше по Предлог законот за отпишување камати за наплата на долгови кои произлегуваат од услуги од вршители на комунални дејности, телефонија, мобилни и кабловски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште. Инаку, овој Предлог -закон е поднесен од пратениците и од опозицијата и од владејачките партии.

Пратеникот Панчо Минов од ГРОМ, кој побара одложување на оваа точка појасни дека за комисиската расправа биле утврдени седум амандмани, но оти во меѓувреме дошле нови предлози, кои предлагачите решиле да ги анализираат.

– Од јавната расправа прифативме да се прошири опсегот и ослободувањето да важи и за радиодифузната такса, што е значајно прашање бидејќи има голем број граѓани должници по овој основ. Прифативме и пред да отпочне постапката за отпис доверителите да донесат одлука на своите управни органи и таа да биде објавена во медиуми. Она што по мене е многу важно е и тоа дека прифативме намалување на процесни и извршни трошоци за нотари, адвокати и извршители наместо една третина да плаќаат една четвртина, рече Минов.

Тој појаснува и дека се бара и ослободување не само од камати, туку и од долгови до пред 2014 година, како и предлози за поедноставна и поевтина процедура за граѓаните.

Законот за отпишување на камата за наплата на долгови, кој во прво читање Собранието го усвои кон крајот на јуни, обезбедува отпис на затезната односно казнената камата, која се однесува на главниот долг и на трошоците на постапката за комунални дејности, електрична, топлинска енергија, вода и смет, телефонија, мобилни и кабелски оператори, одржување на заеднички простории, наводнување и одводнување на земјоделско земјиште, вклучувајќи ги и трошоците на постапката од страна на должникот.

Предложениот закон предвидува отпишување на каматата што се пресметува од поднесување на тужбата за присилна наплата на паричниот долг, до конечна исплата на паричното побарување.

Станува збор за проблем со кој граѓаните се соочуваат од 2011 година, кога извршните предмети од судовите се пренесени кај нотарите, а потоа тие завршуваат кај извршителите. Во тој процес најголеми жртви се граѓаните кои се соочија со огромни затезни и казнени камати за предмети за кои не биле ни свесни дека постојат, ниту пак дека има предлози за присилна наплата.

Отпис на долговите, согласно законот, се врши врз доброволна основа од страна на доверителот. Доверителите од член 2 став 1 точка 1 од овој закон, основани од Владата на Република Македонија и општините и градот Скопје кои се во државна сопственост, односно сопственост на општината или градот Скопје вршат отпис на побарувањата по основ на наплата на затезната односно казнената камата по главен долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата.

Доверителите, кои се во приватна сопственост, доброволно одлучуваат преку своите органи на управување, за едностран опис на побарувањата по основ на наплатата на затезната односно казнената камата на главниот долг од должниците физички лица кои стекнале право на опис на камата согласно член 3 од овој закон.