Законот за јазици стапува на сила без потписот на Иванов - оние кои нема да го почитуваат казна до 5 илјади евра!

Законот за употреба на јазиците кои минатата година се изгласа од владејачкото мнозинство на СДСМ, денес веќе е објавен во Службениот весник на Република Македонија, со што Македонија станува двојазична држава, а притоа освен македонскиот и албанскиот јазик е службен јазик на цела територија.

Закон има 25 членови кои ја регулираат употребата на јазикот.

Покрај македонскиот, и албанскиот јазик станува службен јазик на целата територија.

Двојазичноста ќе се применува во сите државни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии и правни лица што вршат јавни овластувања.

Албанскиот јазик ќе се применува во Собранието, Владата, Уставниот суд, народниот правобранител, во изборниот процес, образованието, здравството, културата, радиодифузната дејност, матичната евиденција, личните документи, финансиите, економијата.

Македонскиот и албанскиот јазик ќе се применуваат во судските, извршните, предистражни и истражни постапки, кривични и прекршочни, парнични и вонпарнични како и во другите постапки пред судовите и јавните обвинителства.

Доколку органите не ги почитуваат одредбите од законот ќе се соочат со глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра, а службеното лице ќе плати 30% од одмерената казна.

Целата ситуација во која се одвиваше овој процес минатата година во Собранието на Република Македонија беше тензична и хаотична.

На првото гласање на овој закон, на 11 јануари беше донесен без присуство на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои во знак на револт од притворањето а петмина нивни колеги и други граѓани за учество во инцидентите во законодавниот дом на 27-ми април.

Против законот се изјасни и претседателот Ѓорге Иванов во годишното обраќање пред Собранието, бидејќи, како што рече, законот за јазиците претставува закана по унитарноста на државата и го крши Уставот на Република Македонија.

По изгласувањето Законот беше испратен на потпис кај претседателот Иванов, кој што наместо „амин“, законот доби над 20 забелешки кои главно се однесуваа на спротивност со Уставот на Република Македонија.

Од страна на Иванов беше порачано забелешките да бидат внимателно разгледани бидејќи тој го критикуваше Законот за употреба на јазиците кој беше донесен со европско знаменце без притоа да постои европска директива што налага усогласување на македонското законодавство со законодавството со Европската унија.

„Со овој закон, Македонија ќе стане можеби единствената европска држава која сама си поставува услови за членство во Унијата кои никој не ги бара. За апсурдот да биде поголем, дури и укажувањата на претставниците на Европската Унија не беа испочитувани и беа игнорирани. Европското знаменце е злоупотребено за со просто мнозинство да се донесе закон со кој се менуваат системски закони коишто, пак, се носат со двотретинско мнозинство“, рече Иванов.

На ова владејачкото мнозинство на СДСМ и политичките партии од албанскиот блок останаа неми, при што следуваа низа обвинувања и критики до Иванов кои на неколку прес конференции предупреди дека ваквиот закон воопшто не значи подобрување на односите со заедниците во Македонија, туку продлабочување и отворање на нови поделби во општеството.

На второ гласање на овој закон во март, 2018 година атмосферата беше исто толку тензична како за првото гласање. Тогаш од страна на пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски беше побарано од претседателот на Собранието Талат Џафери овој процес да не се турка на сила, туку да се овозможи на опозицијата во рамки на Деловникот на Собранието и законите да дебатира и да ги изнеси своите ставови зошто смета дека овој закон е асиметричен.

Но, од страна на 64 пратеници овој закон беше изгласан, при што веднаш се испрати на потпис кај Иванов. Но, од кабинетот на Иванов беше известено дека претседателот на државата нема да стави потпис на овој Закон, односно како што беше кажано не го потпишува бидејќи совеста а и Уставот не му дозволуваат.

Од страна на Иванов неколку пати беше нагласувано дека тој како претседател на Република Македонија има обврска да ја заштитува унитарноста, суверенитетот и територијалниот интегритет независност и мултиетичност во држава.

„Мојата одлука за законот се заснова врз дадените писмени гаранции за заштита на унитарноста, суверенитетот, територијалниот интегритет, независноста и мултиетничноста на Република Македонија. Законот за употреба на јазиците мора исклучиво да биде во согласност со Уставот и усогласен со законите на Република Македонија“, подвлече претседателот Иванов.

Но и од страна на поголем број на експерти како и ВМРО-ДПМНЕ имаше речиси ист став со Иванов. Претседателот на партијата Христијан Мицкоски при гостувањето на Алфа неодамна нагласи дека овој закон нема и не смее да профункционира.

-Овој закон нема и не смее да профункционира бидејќи е донесен во една недемократска и непроцедурална атмосфера, на насилен начин од страна на парламентарното мнозинство, Зоран Заев и Талат Џафери. ВМРО-ДПМНЕ многу пати во минатото апелираше и нудеше решение како овој закон може да се подобри да стане уставен, а понатаму применлив. И дента претходно три пати најавив и го предвидев ова сценарио кое парламентарното мнозинство имаше намера понатаму да го спроведе. Се создава хаос во државата и логично е како реакција на таа акција на хаос да следи идентична хаотична реакција. ВМРО-ДПМНЕ ги анализира сите чекори и ќе одговори соодветно на овој тип на провокации во иднина, нагласи Мицкоски во вестите на Алфа.

Додека експертите сметаат дека овој закон не смее да профункционира бидејќи е антиуставен и неприменлив. Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски смета дека по изгласување на законот за двојазичност, целата јавност била сведок на една грда слика, на едно силување на уставниот поредок, на демократијата и на парламентарниот систем .

Додека пак Михајло Маневски потенцираше дека парламентарното мнозинство во Собранието врши едно насилие врз граѓаните на Република Македонија и нивните права, додавајќи дека овој закон е донесен во една неделовничка процедура со грубо кршење на основните процедури од страна на Талат Џафери.

Според она што го пренесуваат дел од медиумите, се поголем е револтот кај граѓаните од објавување на Законот за употреба на јазиците, бидејќи е објавен само со потпис на претседателот на Собранието Талат Џафери, предупредувајќи дека објавувањето на законот за јазици во Службен весник само со потпис на Џафери е кривично дело кое не застарува и за кое се лежи казна затвор и ја носи директно директорот на Службен весник, а потоа и сите инволвирани.