Зајкова: Измените да стапат во сила откако сите земји членки, вклучително и Бугарија, ќе гласаат „за“

Претседателката на Либерално-демократската партија и пратеничка во македонското Собрание, Моника Зајкова, во гостување на Само Вистина во Канал 5, посочи дека постапката за уставните измени може и сега да започне, но би се завршила и измените би стапиле на сила со потпишувањето на пристапниот договор со Европската Унија.

„Позициите на ЛДП се дека во последните заклучоци ништо не нѐ спречува ние да ги спроведеме уставните измени, односно нели ја почнеме постапката за донесување на уставните измени, за да стигнеме до таа последна фаза за уставниот закон, каде што самите предвидуваме кога истите би стапиле на сила. Точка 4 се однесува на тоа дека Македонија треба да ги спроведе уставните измени, точка 6 е дека ќе се одржи втората меѓувладина конференција без политичка одлука откако ќе го завршиме процесот на уставни измени согласно домашната процедура. Тоа остава можност за пошироко толкување, кое што нѐ води до она одложено дејство за кое што зборуваме и дека тука, ако тоа ни се позициите, треба да изградиме сите заедно една државна позиција дека да, еве ние сме ја завршиле нашата обврска, меѓутоа истите ќе стапат на сила откако сите земји членки, вклучително и Бугарија, ќе гласаат за“, појаснува Зајкова.

Според Зајкова, во измените никаде не пишува „to enter in force immediately”, што значи дека нема обврски тие веднаш да стапат во сила. Во самата преговарачка рамка нема датуми по однос на стапување на сила, туку таа се однесува на примена на договорите кои што ги ратификувала земјата. Она што е важно за државата е тоа дека обврските кои што сме ги презеле се во заклучоците.

„Постојано говорев дека треба да најдеме начин како да ги спроведеме заклучоците кои што ги усвоил Европскиот Совет во врска со проширувањето на Македонија и Албанија. Оттука, пак се враќаме на она, да, треба да ги спроведеме уставните измени, меѓутоа во уставниот закон, кој што е последната или третата фаза имаме можност да го вградиме тоа одложено дејство“, вели Зајкова и додава дека во секој закон може да се стави на крајот преодна одредба кога истиот би стапил во сила.

ЛДП предлага измените да стапат во сила откако сите земји членки, вклучително и Република Бугарија како земја членка, би го ратификувале пристапниот договор за членство на Македонија во Европската Унија.