Загрижувачки сцени од Градскиот парк: Какви мерки и рестрикции важат таму?

Угостителските објекти не работат, но затоа парковите „вријат“ и претставуваат дополнителна опасност за граѓаните. 

Согласно мерките за заштита од ковид-19, угостителските објекти се затворија, но според она што можевме да го забележиме изминатиот викенд од објавите на социјалните мрежи, граѓаните секогаш ќе најдат начин да се видат со своите пријатели и да излезат од дома. 

Сето тоа и не е толку страшно, доколку ги ограничиме контактите и ги почитуваме мерките за претпазливост, но она што се случуваше изминатиот викенд во Градскиот парк во Скопје сигурно не е соодветен пример како тоа се прави. 

Иако во таа гужва има лица кои се веќе имунизирани, кои ја прележале болеста или не биле во никаков опасен контакт, има и такви кои не се свесни дека се потенцијални носители на коронавирусот. 

Се чини дека и покрај апелите и препораките, превенцијата најмногу зависи од нас самите, нашата одговорност и совесноста која ја носиме.