
Загрижувачка порака се шири на социјалните мрежи. Жена од Скопје, објави дека лично сама ќе му пресуди на мажот насилник доколку тој им се приближи. Инаку, тој е во затвор, токму поради семејното насилство, но излегува на викенд-отпусти.
Жената минатата година го сними својот сопруг додека ја тепаше нивната 4-годишна ќерка во скопската населба Драчево. На социјалните мрежи порача дека доколку тој повторно се појави пред нејзината врата, „лично ќе пресуди“, обвинувајќи ги институциите за неефикасност и неправда.
„Да ти се плукнам во правдата. Ѓубрето да си шета слободно, викенд му следувало, можел да оди на работа – буквално ќе си шета како ништо да не се случило. Демек таква проценка се дала, не бил опасен по живот. А што е со нас?“, напиша таа на Фејсбук.
Таа тврди дека од Центар за социјална работа се обидувале да ја „смират“, и покрај насилството што, според нејзините тврдења, со години го трпела таа и нејзините деца.
По инцидентот, Основното јавно обвинителство Скопје покрена постапка против 28-годишниот скопјанец, кој беше приведен и му беше определен притвор.
Засега нема официјална реакција од Центарот за социјална работа во врска со тврдењата на мајката, додека од Обвинителството се очекуваат дополнителни информации за текот и исходот на постапката.
Ова е објавата на жената:
