Загадено Скопје - топ тема периодов, а еве што велат и од ЕУ

Неофицијално стартуваше сезоната во Скопје позната како „прст пред око не се гледа од загадување“, иронично велат скопјани.

Гази Баба и Лисиче како по правило се меѓу најзагадените делови од метрополата.

Аерозагадувањето и оваа сезона е или не топ тема?

Актуелниот и кандидат за уште еден градоначалнички мандат Петре Шилегов на оваа тема вели:

– Загадувањето веќе не е топ-тема во Скопје како што беше во изминатите неколку години. Тоа е факт и тоа добро затоа што бројките покажуваат нешто многу поразлично од тоа што го покажувале пред 4 години. Сепак, мора да бидеме свесни дека проблемот за загадувањето во Скопје не е може целосно да се реши со краткорочни, ниту среднорочни активности. Но преземањето на комплементарни мерки кои ќе ги третираат најголемите загадувачи е пристапот за кои сме сведоци дека доведува до позитивни резултати и пад на загадувањето, изјави Шилегов кој ги наброја мерките кои биле превземани: субвенции за купување инвертери, нови автобуси на гас, користење на новиот инсенератор за третирање на медицинскиот отпад во Дрисла, засилени инспекциски контроли, подигање на нови зелени површини, кампања за пријавување на огнови на отворено преку телефонот 193, расчистување на дивите депонии, расчистување на стрништата, субвенции за велосипеди, електрични тротинети, за чистење на оџаци.

За жал, Европската Комисија во својот најнов за напредокот на земјава, во однос на животната средина вели дека сработеното не е доволно.

- Во следната година Северна Македонија треба особено да ја подобри интерсекторската координација и да ги зголеми финансиските ресурси за намалување на аеро-загадувањето на локално и национално ниво, се наведува во Извештајот.

Околу квалитетот на воздухот, се потенцира дека финансиската помош за инвестирање во редуцирањето на употребата на фисилните горива е пренаменета, извештаите се доставуваат до Европската агенција за животна средина.

Во однос на индустриското загадување и менаџментот на ризик, како што се истакнува, Законот за индустриски емисии се уште не е усвоен. – Недоволното извршување на спроведувањето на казни во однос на одговорните загадувачи поттикнува да не се создаде систем кој би спречил индустриски и хемиски инциденти. Напорите треба да се усогласат со „Севесо 3 Директивите” и „ЕУ Еколебел регулативите” и и ревизорскиот систем за менаџирање со животната средина, се посочува во Извештајот.

Кандидатката за градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска, пак, во својата предизборна програма во однос на ова прашање предлага секоја година да се засадуваат 100 000 нови дрвја за да го зголеми зеленилото во градот, гасификација, како и набавка на 250 еко автобуси.

-Скопје не е чист еколошки град и загадувањето во Скопје сè уште е тема меѓу скопјани. Година кога времето е ветровито може да ги намали параметрите кои укажуваат на загадувањето, но тоа во ниту еден случај не е трајно решение. Во програмата за модерно Скопје планирано е формирање на зелен совет со експерти за животна средина и претставници од невладиниот сектор каде ќе се разгледуваат сите прашања од областа на екологијата и урбаниот хаос во Скопје. Ќе се отвори и зелена линија каде граѓаните ќе може да пријават загадување и инциденти поврзани со животната средина, а инспекциските и интервентните тимови ќе преземат акција веднаш без одложување, вели Арсовска.