Заев за избори во првиот можен термин, Мицкоски на крајот на летото

Партиските лидери денеска на средба во претседателската вила Водно повеќе од два часа разговараат за можниот термин за одржување на предвремените парламентарни избори. Неизвесно е дали ќе има приближување на ставовите и договор за датум за избори.

Претседателот на СДСМ Зоран Заев смета дека изборите треба да се одржат во првиот можен термин. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христија Мицксоки, пак, е за изборно соочување на крајот на летото.

– Во тек е средбата кај претседателот Стево Пендаровски. Очекуваме на прво место да биде ставен интересот на граѓаните и да се одреди конкретен датум за избори. Од здравствен, од економски и демократски апсект одговорно е парламентарните избори да се одржат во првиот можен рок, веднаш штом условите го дозволуваат тоа, согласно препораките на здравствените институции, напиша Заев на својот фејсбук профил.

Од СДСМ очекуваат дека денеска на средбата кај претседателот Стево Пендаровски, лидерите на партиите на прво место да го стават интересот на граѓаните и државата.

-Да нема неодговорност, да нема бегање, граѓаните да се стават на прво место. Само на тој начин може да се постигне договор за конкретен датум за одржување на изборите кои беа одложени заради здравствената криза, велат од СДСМ. 

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека избори треба да се одржат кон крајот на летото, и оти тоа е најбезбедно за граѓаните.

– Крајот на летото е периодот предложен од Мицкоски на лидерската средба како најпогоден за оддржување за избори. Овој период е предложен како најмалку опасен по здравјето на граѓаните и очекуваното стабилизирање на корона кризата до тогаш. Со овој датум се избегнува стравувањето од нов бран од корона бидејќи сите најави се дека тоа ќе се случи почетокот на зимата, или доцна есен што го потврдува и СЗО. Крајот на летото е период кога најголемиот дел од луѓето се во земјава со што е присутна и можноста за кредибилни избори со висока излезност. Воедно ќе се има и појасна слика за ризиците и состојбата со короната во државата, а ДИК ќе има време за организирање на изборен процес кој ќе обезбеди заштита на здравјето на граѓаните, брифираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Со ова, наведуваат од партијата, јасно ставаат до знаење дека не бегаат од избори, и оти ае фаворит, но воедно се грижат за здравјето на граѓаните. – Од друга страна, видливо е на моменти нервозното однесување на Заев и пресметката за брзи избори со дваесетина посто излезност и огромен број на жртви во услови кога се уште има двоцифрени бројки на новозаразени, валат од ВМРО-ДПМНЕ.

За брзи избори, ако со нив не се загрози здравјето на граѓаните, е Демократската унија за интеграција.

– Ние сме за што побрзо организирање на изборите затоа што сметаме дека на државата и требаат институции со целосна можност за одлучување и политички капацитет. Важно е да не се загрози дополнително здравјето на граѓаните и логистичките услови да бидат исполнети, изјави вчера вицепремиерот Бујар Османи.

На денешната лидерска средба за датум за одржување на предвремените парламентарни избори, како што потенцираше, ќе се разговараат сите аспекти и ќе се обидат да бидат најконструктивниот фактор. Претераното одложување на изборите не е во интерес на никого, ниту на владејачките, ниту на опозициските партии, а најмалку на државата, смета Османи.