Заев во Солун на средби со Мицотакис и со грчки бизнисмени

Премиерот Зоран Заев денеска ќе учествува и ќе се обрати на четвртиот Самит во Солун, ќе одржи средби со голем број деловни луѓе од компании кои сериозно работат со нашите институции и ќе се сретне со неговиот грчки колега Кирјакос Мицотакис.

Како што соопштуваат од кабинетот на премиерот на Грција, средбата ќе биде во 18.30 часот по локално време, а еден час подоцна Мицотакис ќе се сретне и со премиерот на Бугарија, Бојко Борисов, јави дописничката на МИА од Атина.

Премиерот Заев, вчера рече дека при обраќањето на самитот ќе ги информира присутните за сите предности што ги има во земјава.

-Сакам да го споделам чувството на задоволство, колку е голем интересот на грчките компании, особено за долната половина на државата поради близината на транспортот, рече премиерот.

Самитот во Солун се одржува денеска и утре во организација на Федерацијата на индустриите на Грција, во партнерство со Конфедерацијата за трговија и претприемништво и Американско – грчката стопанска комора, а е под покровителство на претседателот на Република Грција, Прокопис Павлопулос.

Заев на самитот е поканет заедно со претседателите на владите на Грција и Бугарија, Кирјакос Мицотакис и Бојко Борисов кои утревечер за време на официјалната вечера ќе говорат за „Југоисточна Европа: Иницијативи за регионална соработка и реформи“.

Во однос на средбата на премиерите на двете земји, заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката влада Стелиос Пецас, на редовниот брифинг со новинарите во вторникот, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина во однос на тоа кои ќе бидат темите и пораките на претстојната средба на Зоран Заев и Кирјакос Мицотакис во Солун, рече дека Грција работи за да се искористи временскиот период до повторното отворање на дискусијата во ЕУ, за во соработка со сите лидери на земјите од Западен Балкан да се постигне најдобар можен резултат на следната средба.

-На нашите средби, без разлика дали се средби во Грција со лидери на земјите од Западен Балкан или во Европа, ние секогаш се стремиме да инсистираме на нашата основна политика, дека е во корист и на Европа и на земјите од Западен Балкан, европска перспектива на Западен Балкан. Со оглед на тоа дека на Европскиот совет на 17 и 18 октомври во текстот со заклучоците го имавме фактот дека дискусијата одново ќе се отвори во следните месеци, ние работиме за да го искористиме овој временски период во соработка со сите лидери на сите земји од Западен Балкан за да постигнеме најдобар можен резултат на следната средба, рече Пецас.

Професорот од Универзитетот „Македонија“ во Солун и виш научен соработник и шеф на одделот за ЈИЕ во фондацијата за надворешна политика „ЕЛИАМЕП“ Јанис Армаколас, во неделата, во интервју за МИА, рече дека средбата на Мицотакис и Заев е „апсолутно позитивна разврска што означува одново активирање на грчката дипломатија во насока на поддршка на европската перспектива на Западен Балкан“.

Ова ќе биде втора средба на македонскиот и грчкиот премиер, откако првата ја одржаа во септември во Њујорк, во рамките на Генералното собрание на ОН.