Заев: Сите материјали за случајот „Монструм“ беа предадени во СЈО

Сите материјали кои ги поседувале СДСМ за случајот „Монструм“, биле предадени во СЈО. Ова го изјави лидерот на СДСМ Зоран Заев, кој на барање на родителите на убиените момчиња кај Смилковско езеро сведочеше на денешното рочиште во Кривичниот суд.

Заев рече дека имал средби со роднини на убиените момчиња, кои побарале да добијат повеќе информации од „бомбите“.

На една од средбите, рече Заев, родителите изразиле сомневање дека институциите кријат од нив информации.

„Ги извадив комуникациите и им ги презентирав на родителите да ги видат во мое присуство, без да им дадам копија“, рече Заев.

Тој во судницата одговараше и на прашања на семејствата на убиените момчиња.

„Мајките бараа средба со вас, вие ги примивте и на таа средба сте кажале дека ‘Опел омегата’ е на МВР. Имате ли доказ, поседувате? Вие сте кажале?”, праша родителот Горан Наќевски, на што Заев одговори: „Во првостепената пресуда која ја има кај мене од 2015 година стои во делот на сведочењето дека тоа возило е на МВР. Како претседател на Влада не сум правел повторна истрага“.

Претходно, во судницата беше пуштена снимка од собраниска седница, на која Заев зборува за случајот „Монструм“ како одговор на пратеничко прашање.

Во петкратното убиство на 12 април 2012 година беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски. Во претходна постапка за случајот на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември 2017 година ги укина пресудите, а на осудените им определи мерки на претпазливост.

По укинувањето, „Монструм“ го презеде СЈО и предметот беше вратен на повторно судење.