Заев: Направивме сериозен исчекор во разговорите за државјанствата со Алијанса и Алтернатива

Премиерот Зоран Заев по средбата во Собранието со лидерите на Коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, Зијадин Села и Африм Гаши, изјави дека имале успешен напредок и сериозен исчекор во разговорите, истакнувајќи дека до крајот на неделава на основа на анализата која експертите ќе ја направат, ќе може да се финишираме со законското решение за државјанствата.

-Разговаравме за сите отворени прашања кои беа во предлог-законското решение од Алијанса за Албанците и Алтернатива, и се изнајдени механизмите за изнаоѓање решение, не би зборувал за деталите, сега треба експертите да ги стават на хартија и да ги анализираат, за да го процесиураме и законското решение, рече Заев.

Истакна дека во тој дел, Алијанса за Албанците и Алтернатива ќе ги информираат и ВМРО-ДПМНЕ и Левица, бидејќи и тие две партии поднеле амандмани за ова законско решение.

-Се видоа детално бројките колку граѓани кои немаат државјанство, или кои не стекнале државјанство со брак, поради враќање во земјата ги бараат државјанствата и врз основа на тоа ги отворивме сите важни прашања, заокруживме доминатни европски пракси. Годините за стекнување на државјанство кај нас е престој од осум години, имаме европски земји каде што имаме пет, седум, десет години. Ќе се извади еден просек, и согласно Европската Унија ќе се формира една бројка, рече Заев.

Заев, во одговор на новинарско прашање, посочи приближно во бројки за колку барања станува збор, односно колку граѓани бараат државјанство. -Околу 2727 барања, од отприлика 3.200 граѓани, од кои 1500 кои не живеат тука. Имаме 800 граѓани т.н. фантоми, граѓани кои се родиле овде и никогаш не добиле државјанство. Дури некои имаат извод од матична книга на роден, но зеле државјанство, вели Заев.