Заев: Набавка на 40.000 компјутери за оние деца кои ги немаат ИТ-уреди би траела до април

Премиерот Зоран Заев денеска на првиот ден од новата учебна година рече дека постапката за набавка на 40.000 компјутери за оние деца кои ги немаат потребните ИТ-уреди за следење на онлајн настава би траела долго време.

– Постапка за набавка за 40.000 компјутери би траела до април месец. За оние кои ја немаат таа потребна опрема, има снимени материјали кои се со содветен распоред. Верувам дека ќе ги доекипираме техничките средства со донации, зависно кој колку може – Владата, министерствата или другите институции. Ќе направиме да може секое дете да се чувствува еднакво со другите, рече Заев.

Министерката за образование на заедничкиот брифинг со Заев пред медиумите дополни дека има опција за следење настава на националниот телевизиски сервис на кој има распоред и овој начин сите земји во развој го користат како можност.

– Имавме одлична соработка со телевизијата и имаме распоред кој цела година ќе оди по даден шаблон, рече Царовска.