Заев на Форумот на Фајненшал Тајмс: Инвестициските можности на Република Северна Македонија се отворени и постојано се зголемуваат

Инвестициските можности на земјата се отвораат и се зголемуваат. Агенцијата Фич го подобри кредитниот рејтинг на нашата земја од ББ на ББ+ и тоа е прво подобрување на кредитниот рејтинг на земјата после цели 13 години. Ова е потврда на квалитетот на економските политики и на одличните ефекти што тие ги даваат.

Ова го истакна премиерот Зоран Заев на панел дискусијата со премиерите на Србија и Албанија, Ана Брнабиќ и Еди Рама одржана во рамки на Форумот „Инвестициски можности во брзорастечкиот регион“ во организација на Фајненшал Тајмс посветен на земјите од Западен Балкан.

Премиерот Заев рече дека Западен Балкан се разликува многу од периодот пред 10 години, земјите денеска работат на поврзување и на интензивирање на економската соработка што е добра причина инвеститорите да го препознаат овој дел од Европа како атрактивна бизнис дестинација.

-По завршувањето на билатералните спорови и постигнувањето на договори со Грција и Бугарија, ние ги отворивме нашите евроинтеграциски процеси и перспективите за економски развој. Со Грција ја зголемивме трговијата за околу 20 проценти по постигнувањето на договорот. Вкупниот извоз ни бележи раст од 16,8 отсто. Очекувам конкретни позитивни одлуки за нашата земја и Албанија, рече премиерот Заев кој на форумот во рамки на работната посета на Обединетото Кралство е придружуван од вицепремиерот Кочо Анѓушев.

Според последно објавениот извештај на Конференцијата на ОН за трговија и развој за инвестициите во светот, Заев додаде дека странските директни инвестиции пораснале за 260 отсто од просекот во последните години и минатата година изнесувале 737 милиони долари и посочи дека економските индикатори се значително подобрени, намалена е невработеноста за 4,8 отсто, за осум отсто пораснато е индустриското производство, економскиот раст во првиот квартал изнесува 4,1 отсто, а ќе се работи посветено на негово забрзување за да се достигнат стапки од шест или седум отсто потребни за побрзо да се достигне европскиот стандард.

Премиерот Заев нагласи, стои во соопштението, дека земјите од Западен Балкан работат на зголемување на регионалната соработка преку Берлинскиот процес и како пример го наведе отворањето на One Stop Shop како модел за олеснување на трговијата меѓу земјите. Тој ги повика присутните претставници на компании од Обединетото Кралство да инвестираат во земјите од Западен Балкан кои нудат добри можности за нови инвестиции што за компаниите ќе значи профит, а за нашите држави, нови работни места, пренос на знаења и компетенции и раст на БДП.

Свои воведни обраќања на Форумот имаа директорот на Европската банка за обнова и развој, Сума Чакрабарти кој ја оцени нашата земја како успешен пример на лидерство кое ги отвори перспективите за развој на земјата преку храбри одлуки и регионалната директорка на Светска Банка за Западен Балкан, Линда ван Гелдер која рече дека земјите од Западен Балкан треба да работат на забрзување на економскиот раст и ја наведе нашата земја како успешен пример бидејќи се наоѓа на десеттото место на Дуинг Бизнис, извештај на Светска банка.

Во чест на гостите на Форумот, заменик премиерот на Обединетото Кралство Дејвид Лидингтон организираше и работен појадок за премиерите на земјите учеснички од Западен Балкан, Србија, Албанија и Северна Македонија на којшто се разговараше за перспективите за унапредување на регионалната соработка и за значајната улога што Обединетото Kралство ја има во воспоставувањето добри и релаксирани политички релации меѓу земјите од Западен Балкан и за унапредување на економската соработка и размена. При тоа, денешниот Форум во организација на Фајненшал Тајмс беше оценет како значаен чекор во исполнувањето на тие цели, се наведува во соопштението.