Заев: Мијалков и тоа како е виновен, но лошотијата, злобата доаѓа од конзументот

 Премиерот Зоран Заев денеска по сведочењето во Основниот кривичен суд во Скопје за незаконското следење на комуникациите во случајот „Таргет – Тврдина“ изјави дека нема ништо спорно во сведочењето на Зоран Верушевски. Тој со него е во секојдневна комуникација како негов советник за национална безбедност. Вели, Сашо Мијалков и тоа како е виновен за прислушувањето, како тогашен прв човек на веќе згаснатата Управа за безбедност и контраразузнавање.

-Сашо Мијалков и те како е виновен како директор на УБК, но лошотијата, злобата доаѓа од тој што конзумирал. Чесен политичар го спречува тоа ако го увиди, не го конзумира, изјави Заев по сведочењето.

Тој истакна дека верува оти и на Мијалков и на поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и на Никола Груевски, кој е во бегство, но и на сите граѓани во земјава им е јасно како бел ден кој прислушувал и кој е одговорен за незаконското прислушување.

-И сите очекуваат да се изрече казна. Тоа е докажано не само со мојот исказ и сите што сведочеле, тоа го докажуваат вештачењата, автентичноста на разговорите. Кој тоа прислушувал, како се случувало, јас минував низ драматични моменти тоа да го споделам со јавноста за денеска да биде повеќе од јасно кој ги кршел масовно човековите права во тогаш Република Македонија. Јасна е веригата, конечниот конзумент бил Никола Груевски,  одговорни се министерот за внатрешни работи, директорот на УБК, Горан Грујовски, Никола Бошковски и другите за кои постојат докази дека правеле незаконски дејствија, а со тоа ги нарушиле човековите права, рече Заев.

Во врска со случајот „Пуч“, Заев нагласи дека тогашниот состав на Јавното обвинителство наместо да го истражува масовното прислушување се ставило во функција на политиката, предводена од Груевски и ги гонело него, Верушевски, неговата сопруга, свиркачите Ѓорѓи Лазаревски, Ѕвонко Костовски.