Премиерот Зоран Заев и министерската за труд и социјална политика Мила Царовска ги посетија семејствата кои се сместени во привремени живеалишта во прифатниот центар во Визбегово, а коишто досега живееја на отворено, под тврдината Кале.


 
Потенцирајќи дека Владата и Министерството за труд и социјална политика се определени да градат инклузивно општество, Премиерот Заев во изјавата за медиумите истакна дека секој поединец е важен и секој треба да има еднакви можности за социјална вклученост.

„Граѓанските здруженија на овие луѓе ќе им помогнат заеднички да подготват индивидуални планови за вклучување на пазарот на труд, за социјална заштита и здравство, за обезбедување на документи за лична идентификација, како и за вклучување на децата во образовниот систем“, рече Заев.
 
Посочувајќи дека ромската популација е една од најранливите во нашата земја, Премиерот Заев истакна дека Владата и Министерството за труд и социјална политика силно се залагаат да се подобри целокупната состојба во којашто се наоѓаат.
 
Само до јули годинава, како што рече Премиерот Заев со учество во програмата за поддршка за самовработување, осуммина граѓани Роми, меѓу кои и една жена, изработиле сопствен бизнис план, додека преку програмата – поддршка за креирање на нови работни места, се вработени 24 лица, од кои половината се жени.
 
„Би истакнал дека социјалната реформа која стартува од почетокот на 2019-та година значително ќе придонесе за активирање на пазарот на трудот на најранливите категории лица, а со тоа и нивно извлекување од сиромаштија.
 
Со воведувањето на детскиот и образовниот надоместок, коишто ќе можат да ги добиваат децата од семејствата каде двајцата родители се невработени, но и децата во домаќинства со минимален приход, на секое дете ќе му овозможиме еднакви можност, како и вклучување во образовниот процес кој е основа за понатамошниот личен и професионален развој“, заклучи Премиерот Заев.
 
Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, од своја страна посочи дека поголем дел од лицата коишто привремено се сместени во Визбегово, се корисници на социјална помош, но и дека сите имаат можност да се активираат на пазарот на трудот.
 
„Ние како одговорна Влада не дозволивме изминатата зима да останат надвор и затоа ги сместивме во објект на министерството за труд и социјална политика, а во меѓувреме ги изградивме овие 15 живеалишта во коишто имаат достоинствени услови за живот. Голема благодарност до меѓународната организација за имиграција – ИОМ и Фондација отворено општество кои се вклучија во овој процес“, истакна министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
 
Министерката Царовска додаде дека почнувајќи од следната недела социјални тимови ќе ги мапираат преостанатите лица коишто живеат на отворено под тврдината Кале и на сите без живеалишта, ќе им биде понудено привремено сместување.
 
„Македонија е социјална држава и подеднакво се грижи за сите граѓани да имаат достоинствен живот. Во привремените живеалишта во Визбегово сега се сместени вкупно 96 лица од кои 66 се деца. Со сместувањето во новите живеалишта добија достоинствени услови за живот и можност за активација на пазарот на трудот а децата им се вклучени во образовниот процес. Со ова од идната година откако ќе ја стартуваме социјалната реформа овие лица ќе имаат можност за користење на детскиот и образовниот додаток“, рече министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска.
 
На новинарско прашање за други мерки кои ги планира Владата на Република Македонија за намалување на сиромаштијата меѓу ромската заедница, Премиерот Заев потенцираше дека целта на Владата е да се згрижат што поголем број на деца, но и на родители кои питачат. Во таа насока, како што рече Премиерот Заев се реализираат бројни инфраструктурни проекти во ромските населби во Битола, Делчево, во Куманово, но и во други општини. Премиерот Заев додаде дека една од мерките за подобрување на состојбата на граѓаните Роми е можноста се пријават и да добијат социјален стан.   
 
Во однос на предвидениот буџет за социјалните реформи Претседателот на Владата на Република Зоран Заев, истакна дека во 2019-тата година тој ќе биде поголем, и додаде дека се дополнително се реализира пакет мерки за искоренување на сиромаштијата кај ранливите категории на граѓани, односно зголемувањето на социјалната помош за 300%, како и зголемување на бројот со дополнителни 60 илјади деца коишто од следната година ќе имаат право на детски и на образовен додаток.