Заев: Должност на државата е да ги предупреди странските инвеститори за евентуални нерегуларности

Кога се обраќа Јавното обвинителство до државните институции кои се под премиерот, Фондот за здравство, Министерството за здравство, ние знаеме дека се води истрага и логично е, чесно е, одговорно е пред кој било инвеститор, особено пред вака познат „Диаверум“ од Шведска, да ги знае информациите, затоа што должност на државата е да ги соопшти сите информации ако сакаме да градиме кредибилитет, рејтинг, моќност на привлекување инвестиции во државата. Тоа што сме го знаеле во тој момент, тоа сме го соопштиле.

Ова е одговорот што денеска премиерот Зоран Заев го даде во врска со случајот, кој во медиумите е познат како Рекет 2, а во која сопственичката на фирмата „Диамед“, Вера Иванова ја обвинува власта дека вршела оптрукции во нејзиниот бизнис со шведскиот инвеститор за да и земат рекет.

Заев на прес-конференцијата, која беше посветена на новата мерка за укинување на квотите на лековите, нагласи дека иако Обвинителството не соопштило дека води истрага за „Диамед“ сепак Владата дознала бидејќи Обвинителството барало информации.

Тој истакна дека Владата во дадената ситуација постапила чесно и го информирала потенцијалниот инвреститор за сите информации кои ги поседувала за „Диамед“.

-Чесно е на потенцијалниот инвеститор да му ги дадеме сите информации што ги имаме пред да инвестира, зашто така се гради кредибилитет, рече денеска премиерот Зоран Заев, откако сопственичката на фирмата „Диамед“ обвини дека претставници на власта го разубедувале шведскиот инвеститор Диаверум да не ја купи нејзината фирма убедувајќи го дека против фирмата се води истрага.

Шведската фирма „Диаверум“ и покрај предупредувањата на Владата сепак ја купи „Диамед“ за 11,5 милиони евра, но Обвинителството ги блокираше сметките на Вера Иванова во земјава и во Монако, каде беа префрлени парите од продажбата.