Заедничка акција на МВР и ФБИ: 20-годишник од Голема Речица осомничен дека го администрирал нелегалниот сајбер-пазар „OLVX“

Дваесетгодишен жител на тетовското село Голема Речица е осомничен дека стоел зад администрирањето на нелегалниот онлајн-пазар „OLVX“, преку кој се нуделе украдени лични податоци, кориснички пристапи и алатки за вршење сајбер-криминал, соопшти Министерството за внатрешни работи.

Случајот е резултат на заедничка и координирана истрага на македонското МВР и американското Федерално истражно биро – ФБИ, а станува збор за првата заеднички координирана операција против сајбер-криминал меѓу двете институции.

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство Тетово против Е.А. (20) од Голема Речица, поради основано сомнение дека ги сторил кривичните дела „компјутерска измама“, „злоупотреба на лични податоци“ и „производство и дистрибуција на детска порнографија“.

Истрагата започнала по оперативни сознанија добиени од ФБИ, по што била спроведена заедничка истрага со цел идентификување и прекинување на криминалните активности поврзани со платформата „OLVX“.

Според доказите прибрани во истрагата, осомничениот во периодот од 2023 до 2025 година администрирал домени и интернет-страници поврзани со „OLVX“, која функционирала како нелегален пазар за продажба на украдени дигитални податоци, софтверски алатки и услуги наменети за олеснување на извршување кривични дела.

Од МВР наведуваат дека платформата првенствено ја користеле сајбер-криминалци кои купувале и продавале лични податоци и податоци за најава со кои можело да се пристапи до кориснички профили и компјутерски мрежи на жртвите. За време на работењето, според МВР, биле понудени за продажба повеќе од 1.500 сетови украдени податоци за најава.

Истрагата утврдила и дека во периодот од 2025 до 2026 година осомничениот администрирал и нелегална група на „Телеграм“ наречена „ONEMILI“, преку која се нуделе услуги и софтверски алатки за сајбер-криминал, меѓу кои и шеми за измамничко враќање пари.

Дополнително, според МВР, биле обезбедени и докази кои укажуваат дека осомничениот преку „Телеграм“ набавувал и поседувал материјал со сексуална злоупотреба на деца.

ФБИ јавно ја поздрави акцијата

За операцијата се огласи и Сајбер-дивизијата на ФБИ, која преку објава на социјалните мрежи им честиташе на партнерите од македонското Биро за јавна безбедност и Единицата за сајбер-криминал за успешното апсење на администраторот на „OLVX“.

Од ФБИ наведуваат дека платформата била активна меѓу 2023 и 2025 година и дека преку неа незаконски се продавале лични податоци и податоци за најава на жртви.

ФБИ во објавата посочува дека постоењето на ваквиот пазар директно ја загрозувало дигиталната безбедност на илјадници американски граѓани.

„Оваа операција е првата сајбер-операција координирана меѓу ФБИ и Северна Македонија“, наведува ФБИ, оценувајќи дека случајот ја покажува важноста на меѓународната соработка во борбата против сајбер-криминалот.

Од МВР, пак, оценуваат дека успешната соработка со ФБИ претставува значаен чекор во зајакнувањето на капацитетите за справување со прекуграничниот сајбер-криминал и испраќа порака дека интернет-просторот не смее да претставува безбедно засолниште за криминални активности.