Задутре започнува „Карпошово културно лето“ - Ќе има концерти, изложби, филмови и фолклор

Богата музичка, културна и забавна програма ќе понуди годинашното издание на „Карпошово културно лето“, кое ќе се одржува во текот на август.

Организаторите најавуваат содржини за различни генерации и вкусови, од концерти и изложби до филмски проекции, детски работилници и фолклорни настапи.

Програмата започнува на 20 август, кога во 11:00 часот, во холот на Општина Карпош, ќе биде отворена изложба на плакати од театарски претстави поврзани со делото на драмскиот писател Горан Стефановски. Ќе бидат изложени 25 плакати од претстави изведувани во земјава и во странство, кои го прикажуваат богатството и разновидноста на неговиот драмски опус.

Истиот ден во 19:00 часот, во „Сити мол“, ќе биде поставена патувачката изложба „ReART“, реализирана во соработка со „Нула отпад“. Изложбата ќе биде достапна и на други локации во Карпош – на платото кај Млечен и во холот на општинската зграда.

Свеченото отворање на „Карпошово културно лето“ ќе се одржи на плоштадот „Делфина“ во 20:00 часот.

За музичкиот дел се најавени настапи на диџеј, Александар Тарабунов – Тара, како и на групата „Нокаут“.

Програмата продолжува на 21 август со изложба на Детскиот ликовен центар во галеријата на Кинотеката, која ќе биде отворена во 12:00 часот и ќе може да се посети до 31 август. На изложбата ќе бидат претставени дела на десет академски ликовни уметници – осум од Македонија и двајца од Србија.

Во 12:30 часот ќе се одржи и промоција на книгата „Зоја“ од Јоана Шишкова. Вечерната програма на плоштадот „Делфина“ ќе започне во 19:00 часот со настап на учесниците на детскиот фестивал „Поточиња“, по што во 20:00 часот ќе настапи пензионерскиот хор „Карпош“.

Во 21:00 часот следува настап на „Тумбао салса бенд“ со Сашо Гигов – Гиш, со програмата „Џипси најт“. Во дворот на ООУ „Петар Поп Арсов“, пак, од 20:00 часот ќе се одржи кино на отворено, со проекција на филмот „Приказната за Силјан“.

Во рамките на фестивалот се најавени и други содржини, меѓу кои журка на ФИНКИ, детска работилница, меѓународен фолклорен фестивал и евергрин-вечер со Дац и Александар. На програмата се и настапи на Игор Џамбазов и Гуру Харе, додека љубителите на народната музика ќе можат да ги слушнат Душко Георгиевски, Зуица Лазова и Миле Кузмановски.

Со концерти, изложби, филмски проекции, книжевни промоции, детски активности и фолклор, „Карпошово културно лето“ и годинава носи разновидна програма наменета за сите генерации.