
Во последниот ден од оваа работа недела православните христијани одбележуваат значаен празник - Летна Света Петка.
Според календарот на МПЦ на 8. август се слави споменот за Светата преподобна маченичка Петка, која се смета за заштитничка од разни несреќи и поради што народот уште ја нарекува и мајка Параскева.
Оваа Параскева (Петка) беше родум од Рим. Родителите и беа христијани, така што од мали нозе ја воспитаа во Христовиот дух. Кога и умреа родителите го раздаде целиот свој имот на бедните и се замонаши.
Со голема ревност го проповедаше словото Божјо, не криејќи се од никого. Така и стигна до римскиот суд. Неколку пати беше предавана на маки, но Господ ја исцелуваше на чудесен начин. Најпосле, некој кнез Тарасиј и ја отсече главата. Моштите и беа зачувани, а подоцна пренесени во Цариград. Пострада за Христа во вториот век.
Култот кон Света Петка кај македонскиот народ е многу раширен. Таа се смета за заштитничка од разни несреќи, но и од многу болести, поради што народот ја нарекува уште и мајка Параскева. Многу лековити извори се поврзани со нејзиното име и се наречени Петочни води. Петковден како домашен празник со служби посветени на св. Петка, со чекање гости и со други обичаи и свечености го празнуваат голем број македонски семејства.
Именден празнуваат: Петко, Петкана, Параскева, Пенка…
Светата православна црква празнува три личности со исто име Параскева-Петка поради што кај народот често се мешаат и се мисли дека се работи за иста личност. Најчесто трите се идентификуваат со св. Петка Епиватска позната и како Трновска, чиј спомен се одбележува на 27 /14 октомври. Името го добиле поради тоа што се родени во петок, а петокот како ден пред сабота, бил ден за подготовки за празникот. Во претхристијанскиот период кај Евреите саботата бил празник, а не неделата. Оттука, Параскева значи подготовка.