Задушницата е за починатите, Духовден е роденденот на црквата

Граѓаните честопати ги изедначуваат празниците Задушница и Духовден, кои овој викенд ќе се одбележуваат меѓу православните христијани, како денови на еден ист празник посветен на мртвите. Во суштина станува збор за сосема два различни дена, со различни црковни знаења. Задушница, кога се слави споменот на починатите, се паѓа секогаш во саботата пред Духовден, кој се слави секогаш во недела и го означува слегувањето на Светиот Дух.

Теолозите велат дека нашиот народ ги помешал овие два празници, па така голем дел од нив го поврзуваат Духовден со „духови“ и сметаат дека духовите на умрените стануваат од гробовите на овој ден и шетаат низ гробиштата.
– Задушницата со празникот Духовден нема никаква врска, освен тоа што се поврзани календарски. Суштински, православно, Задушница е сосема нешто различно од празникот Духовден. Духовден е празник на Светиот дух, а не на духовите или нешто слично, затоа нема ниту поента одењето и седењето на гробиштата навечер во пресрет на Духовден. Тоа е останато од паганската традиција – објаснуваат теолозите.
Петокот пред Задушница, пак, е прогласен за неработен ден од 2007 година, како ден пред Задушница, со цел граѓаните да можат да се подготват за претстојниот ден.
Теолозите објаснуваат дека Задушница секогаш се паѓа во сабота и тој ден е посветен на споменот на починатите.

– Самиот збор задушница значи „за душата“. И според оваа терминологија, тоа подразбира принесување жртви и молитви. Под принесување жртва се подразбира варена пченица и вино, а во некои краишта се принесува и леб. И на тоа се ограничува принесување на жртвата, зашто во православната црква има само бескрвна жртва. Раздавањето храна е непотребно, не е задолжително и не треба да се практикува. Во црквата секој ден си има свое значење и намена, па така, како ден за покојните е одредена саботата. Затоа и задушниците се прават секогаш во сабота. Значи, спомените не треба да се прават во недела, туку секогаш во сабота – додаваат теолозите.
Отец Бобан Митевски, свештеник од Македонската православна црква-Охридска архиепископија, вели дека во нашата традиција, три од овие саботи се одделуваат, и тоа саботата пред Духовден, месопусната сабота и саботата пред празникот Митровден, и тие се нарекуваат задушници.

– Самиот збор „за душата“ означува дека тоа се особени периоди/денови во годината кога христијаните својот молитвен труд го посветуваат за упокоените христијани – нагласува отецот.
Православните христијани в недела го слават еден од 12-те најголеми христијански празници, празникот Духовден.

Свештениците велат дека е наречен уште и Педесетница и тој е еден од најрадосните и најсветли празници во православието, во кој се слави слегувањето на Светиот Дух врз апостолите на педесеттиот ден од христовото воскресение.

– Овој празник, всушност, означува роденден на црквата, зашто со слегувањето на Светиот Дух се основа црквата, се собираат апостолите и сите оние кои поверувале и биле крстени од нивна страна, сите се собираат во едно тело чија глава е самиот Господ Исус Христос – додава свештенството.