Задушница и свети Трифун во ист ден – дали има причина да не се оддаде почит на починатите?

Совпаѓањето на Задушница со празникот посветен на свети Трифун годинава отвори дилеми меѓу дел од граѓаните, откако на социјалните мрежи се појавија тврдења дека „не треба да се оди на Задушница“ поради народни верувања и игра на зборови поврзани со името на светецот.

По повод ваквите шпекулации, отец Димитар Арсовски реагираше преку објава на Фејсбук, истакнувајќи дека христијанството не е предмет на суеверија и неосновани толкувања. Тој нагласува дека православието е начин на живот и личен однос со Бога, во кој нема простор за нелогични измислици што се косат со верата и со здравиот разум.

Според него, доколку верниците имаат љубов и почит кон упокоените, единствениот начин тоа да се покаже е молитвата за нив. Совпаѓањето на двата спомени, посочува, не претставува пречка за оддавање почит, туку повик кон искрена и трезвена вера, ослободена од стравови и суеверија.