Задушница – ден за сеќавање на починатите

Црквата и православните верници денеска го одбележуваат празникот Задушница, кој секогаш паѓа во сабота.

Православните верници ја одбележуваат Задушница или ден на мртвите, односно на овој ден сите што имаат блиски починати уште од рано утро ќе ги посетат нивните вечни почивалишта и ќе им оддадат почит.

Црквите утрово служат парастос, а потоа верниците ги посетуваат гробовите на најблиските. Се верува дека свеќата запалена на денешен ден гори до следната Задушница, а доколку тоа не се направи, починатите ќе бидат во темница цела година. На Задушница се сеќаваме на блиските лица кои се починати, ги посетуваме нивните гробови и палиме свеќи за покој на душата. Тоа е ден посветен на молитивите за покојните роднини и пријатели.

На Задушница се изнесува и храна на гробиштата. Таа храна се дели со луѓето кои ги посетуваат гробиштата, со спомнување за спас на душата на покојникот.

Обичај е на гробишта да се носи онолку свеќи колку што гробови се посетуваат.

Доколку на гробот некој му пријде од страна и се понуди да земе храна, иако е туѓинец, на овој ден никако не се одбива. Се верува дека е голем грев ако на Задушница некој на гроб одбие да земе храна или пак избрка туѓинец од гробот.

Се верува дека ако на Задушница не им се запали свеќа на мртвите, тие цела година ќе бидат во мрак. доколку верниците не се во можност да запалат свеќа на гробиштата на блиските, може тоа да го направат и во црква, каде обично се носи и пченица која по молитвата попот ја залева со црвено вино.