Задолжително вклучување на децата со лесна попреченост во редовните основни училишта

На својата редовна седница Владата ја прифати информацијата за потребата од задолжителна инклузија на децата со лесна попреченост во редовните училишта во земјата.

Притоа Владата го задолжи Министерството за образование и наука да воведе систем на следење на развојот на овие деца од страна на стручните инклузивни тимови во сите основни училишта во земјата најдоцна до март 2019 година и на квартално ниво да ја известува Владата за нивниот развој.

Исто така, министерствата за образование и наука, за труд и социјална политика, за здравство и Бирото за развој на образованието се должни во рок од 3 месеци да изготват унифицирани формулари за постапката за запишување и отпишување, како и за следење на развојот на децата во основните и средните специјални училишта, кои ќе ги содржат сите потребни податоци за децата и да ја информираат Владата за преземените активности. Овие институции исто така се должни до јуни годинава да подготват анализа за трансфер на децата со лесна психичка попреченост од училиштата за деца со посебни потреби во редовните училишта со предлог за група/групи на деца што ќе може да се трансферираат од учебната 2019/2020 година.