Задолжителен паркинг за велосипеди - Центар одлуката ја донесе уште минатата година

Откако Град Скопје издаде препорака до општините за паркинг простор за велосипеди, од Општина Центар потсетија дека веќе вовеле задолжителен паркинг за велосипеди уште во април минатата година.

-Ги повикуваме општините да ги следат позитивните примери кои ги исполнуваат интересите на граѓаните. Општина Центар е отворена општина за сите граѓани и граѓански здруженија кои имаат слични позитивни проекти важни за граѓаните. Исто така Општина Центар им стои на располагање околу споделување информации на останатите локални самоуправи кои сакаат да го следат овој пример, порачаа од локалната самоуправа. 

-Паркинзи за велосипеди кај сите нови станбени, деловни и јавни објекти во рамки на градежна парцела треба да планираат инвеститорите, според одлуката на 8. седница на Советот на Општина Центар, која беше изгласана денеска. Општина Центар ги задолжува инвеститорите кои поднесуваат барање согласно Законот за градење да обезбедат паркинзи за велосипеди секаде каде има простор и можност истите да се постават. Исто така, Општина Центар овозможува поставување на паркинзи за велосипеди и кај сите постојни станбени, деловни и други јавни објекти кои имаат простор за нивно поставување, гласи одлуката на општина Центар од април минатата година. 

Уредувањето и обезбедувањето на овие паркинзи за велосипеди во рамки на една градежна парцела треба да е правопропорционално на бројот на станбени единици и бројот на паркинг места за моторни возила предвидени и содржани во објектот кој е предмет на барањето, согласно Законот за градење, како и на веќе изградените станбени и други објекти кои не се предвидени за домување на територијата на Општина Центар.