Зачестија пожарите предизвикани од неисчистени оџаци – губиш дом, а 1500 денари е за чистење

Зачестија пожарите предизвикани од неисчистени оџаци. Иако граѓаните имаат обврска за сервис на оџакот пред секоја грејна сезона, оние што не го направиле тоа сега ги трпат последиците. Некои од нив останаа и без покрив на глава поради пожарот кој од оџакот се раширил низ цела куќа.

Од Противпожарната бригада на Град Скопје велат дека од вкупно 83 интервенции, кај 12 интервенции се постапувало по дојава за пожар предизвикан од затнат оџак.

Овластените оџачари пред секоја грејна сезона ги советуваат граѓаните редовно да ги чистат оџаците да не го ризикуваат сопствениот живот и имотот, но некои од нив ризикуваат само за да не платат 1.500 денари трошок. Оџачарите велат дека за време на грејната сезона кај нив е шпиц, а деновиве имаат и по четири интервенции на ден.

Најмалку заинтересирани за чистење на оџаците се луѓето што живеат во зградите кои имаат проблем да се договорат меѓу себе, а често немаат ниту куќни совети. Дали оџакот ќе биде повеќе затнат или не, многу влијае и суровината што се користи за огрев. Оџачарите велат дека оџаци сега се чистат во објекти кои се греат на дрва, нафта и пелети.

Цените за чистење на оџаците со години се исти. За индивидуална куќа на два ката чистењето на оџакот чини 1.200 до 1500 денари, за зградите околу 2.000 денари, додека за чистење на каналот за одвод на чадот кај училишта и институции услугата чини од 6.000 денари па нагоре.

Неисправен оџак може да предизвика и несреќа, пожар, зголемена емисија на штетни гасови од дозволените, како и 20 отсто поголема потрошена енергија од потребната. Она што е најопасно е фактот што ако ви се запали оџакот, со часови никој нема да го забележи се додека не е предоцна.

Според Правилникот за заштита од пожари, граѓаните имаат обврска еднаш годишно да го исчистат каналот за одвод на чад, и тоа пред грејната сезона, како и да ги проверат хидрантите и инсталациите за греење. Но, според упатените, има повеќе проблеми поради кои оваа обврска не се почитува – немарност и недоволна освестеност кај граѓаните.

Според статистичките податоци, секое трето домаќинство во државата се грее на дрва, а според оџачарските фирми, преку сила 0,1 отсто од нив користат професионални услуги за чистење на оџаците. Сличен е и процентот на фирми кои ја почитуваат законската регулатива за редовно чистење на системите за греење.