Забрзано паѓаат цените на становите во Скопје

Во четвртиот квартал од годината продолжи намалувањето на цените на становите, при што е забележано мало забрзување, соопшти Народната банка во најновиот квартален извештај.

„Така, индексот на цените на годишна основа е понизок за 0,9% (намалување од 0,2% во претходниот квартал). Ваквото поместување е во согласност со надолното приспособување на цените на становите (вкупни и новоизградени), како во главниот град, така и во земјата во последните неколку години.

Во поглед на состојбата на понудата и побарувачката на недвижности, показателите не упатуваат на позначителни промени. Имено, кај изградбата на станбени згради и понатаму се забележува двоцифрена стапка на раст (просечна годишна стапка на раст на изградбата на станбени згради во првите три квартала на 2016 година од 26,4%), додека податоците за одобренијата за изградба на станови бележат забавување на растот.

Во поглед на побарувачката на станови, солидниот раст на станбените кредити продолжи и во четвртиот квартал на 2016 година, што упатува на натамошно зајакнување на побарувачката“, соопшти НБРМ.