Заборави на сите правила со кои те хранеле цел живот

Дали и вие имате пријателка на која би сакале да и пратите вакво писмо?

Драга пријателке,

Не мораш ништо да ми објаснуваш. Гледам дека ти е тешко и знам дека овој период ти трае подолго време.

Ја чувствувам твојата болка, ја забележувам твојата тага. И јас патам заедно со тебе, иако ти не го знаеш тоа. Гледајќи те тебе – јас се гледам себе. И јас некогаш имав маки и ми се враќа тоа лошо чувство на осамена душа. Тоа ужасно чувство на беспомошност. Не можеш ништо, а животот те притиска и не ти дава мир. Знам дека сега не гледаш излезе. Цела си завиткана во црно.

Но, морам да  ти кажам нешто, иако не сакаш да го слушнеш тоа во овој момент. Сѐ е во твоите раце. Секогаш и било. Како што беше и во моите раце кога мене ми беше тешко, иако и јас тогаш не го знаев тоа. На одреден начин, сите го привлекуваме лошото што ни се случува преку нашите црни мисли, стравови и комплекси.

Не одмавнувај со раката, не се мурти. Дај ѝ шанса на оваа идеја. Ако ја прифатиш теоријата дека имаш моќ самата да си го загорчиш животот и ја прифатиш таа огромна одговорност, тогаш набгу ќе сфатиш дека имаш исто толкава моќ и да го поправиш, зарем не? Само за момент размисли за ова и замисли го потенцијалот кој ти стои на располагање.

Повлечи линија. Сѐ што било досега и сѐ што те боли во овој момент е резултат на минатото – твоите одамна минати мисли, усвоени ставови и изговорени зборови. Ако успееш да заборавиш на тоа и да продолжиш понатаму, и тоа со нови мисли, свежи ставови и конструктивни зборови и дела, оваа луда сегашност наскоро ќе стане минато на кое понекогаш ќе се сеќаваш само кога ги славиш новите успеси. Да, толку е едноставно. Не ти се верува, а?

И јас и ти добро знаеме колку си силна, издржлива, способна и паметна. Сигурна сум дека нема да дозволиш тешките времиња да те соборат. Тешките времиња доаѓаат и си одат, а ти остануваш. Ти стоиш исправено, гордо и високо и трпеливо чекаш да пројде бурата за да дојде сонцето кое повторно ќе ти даде енергија за да се справиш со следната бура. Но, следната бура нема да биде толку страшна.

Нема, затоа што ќе знаеш колку си посилна, помудра и помоќна од претходно. Ќе знаеш дека ако твојот живот зависи од твоите мисли и зборови, ти ја имаш силата да ги контролираш и управуваш. Следниот пат ќе го спречиш тој налет на ментална деструкција, ќе ставиш прст на чело и ќе си кажеш: „Јас го можам ова.“ Со тие мисли ќе се подигнуваш од дното и за кратко време ќе стигнеш до врвот – како победник.

Слушни ме. Собери сила, оптимизам и верба. Не им дозволувај на сомнежите да те шутираат и стравовите да ти удираат шамари. Не гледај на страна, фокусирај се само на својата цел. Не наоѓај изговори. Заборави ја годината, заборави на времињата, заборави на туѓите мислења. Заборави каде живееш. Заборави на сите правила и „вистини“ со кои те хранеле цел живот. Каде пишува дека животот мора да биде тежок? Каде пишува дека чесниот човек не може да успее?

Во нас живее сила која не ја познаваме, не можеме ни да ја дефинираме. Таа сила те донела на овој свет со причина, со цел која само ти можеш да ја исполниш. Добро го знаеш тоа. Го чувствуваш тоа во себе.

Направи чистка во главата. Исфрли ги негативните работи  и сѐ она што те влече надолу. Не се грижи, лесно ќе ги препознаеш тие мисли. Тоа се мислите кои создаваат нервоза, страв, кои прават да мислиш дека си недостојна и мала. Исфрли ги веднаш. Замени ги со нови, конструктивни и моќни мисли.

И тогаш чекај и гледај, само гледај како чудата се случуваат. И јави ми се за да се радуваме заедно!