Заборавените објекти од „Скопје 2014“ ќе се довршуваат догодина, Мицкоски се согласува дека го грдеат лицето на главниот град

Дел од спомениците и фасадите кои беа дел од проктот „Скопје 2014“ се со незавиден изглед. Токму во центарот на Скопје, местото кое е прв избор на туристите, се наидува на не толку убава слика од главниот град. Но, има ветувања дека истите ќе станат модерни. 

Според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, недоизградените објекти од проектот „Скопје 2014“ ќе се довршат, но не годинава, затоа што со ребалансот на буџетот не се предвидени пари за таа намена. Средства ќе се обезбедат во наредниот буџет, за 2025 година.

Мицкоски се согласува дека недовршените објекти од проектот „Скопје 2014“ го грдеат лицето на главниот град и посакува поскоро да бидат завршени, иако, како што рече, е љубител на модерниот стил и би сакал така да се довршат објектите, но сепак, како што кажа, тоа ќе го кажат архитектите.

- Навистина тоа е прашање што мене лично многу ме засега како човек роден во Скопје, израснат тука и навистина е тоа премногу грдо онака како што изгледа сега незавршена и недовршена и бараме начин за голем број од тие објекти како да ги завршиме, изјави денеска во одговор на новинарско прашање премиерот Мицкоски. 

- Јас за вкусовите не сакам да дискутирам, можеби некој има одреден правец во уметноста што му се допаѓа, некој има друг правец во уметноста што му се допаѓа, можеби мене тоа што не ми се допаѓа некому му се допаѓа, но јас сум љубител на модерниот стил и би сакал тие згради и објекти што вие ги споменавте да бидат час поскоро завршени само за да не го грдат лицето на главниот град бидејќи се заборавени, додава тој. 

И тој се согласува дека сето ова го гледаат странските туристи. 

- Прочитав еден податок дека бројот на туристи кај нас е зголемен за 11 проценти споредено со минатата година, додека читам во околината оние традиционално интензивни туристички држави имаат намален број туристи годинава, во некои од државите и до 20-25 проценти. Затоа овие објекти треба што поскоро да се завршат, рече премиерот, додаде премиерот.

За проектот „Скопје 2014“ владата на Груевски потроши повеќе од 700 милиони евра.