Заборавен телефон одложи полетување од скопскиот аеродром

Вчеравечер авион на компанијата „Туркиш ерлајнс“ кој требало да патува за Истанбул беше спречен да полета од скопскиот аеродром „Александар Велики“ поради дојава за бомба.

Авионот на Туркиш ерлајнс кој според редот на летање требаше да полета во 20:40 часот беше задржан на пистата на Скопскиот аеродром по дојава за бомба. По безбедносните проверки е утврдено дека не станувало збор за експлозивна направа, туку за мобилен телефон. Согласно авиопроцедурите авионот морало да биде дополнително проверен, по што е издадена дозвола за негово полетување и тој замина за Истанбул.

Авионот во 23:56 часот полетал за Истанбул. Во него, требаше да патува и делегација предводена од претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов во која е и министерот Бил Павлески. Од кабинетот на шефот на државата велат дека поради безбедносните процедури, претседателот Иванов и членовите на делегацијата не отпатуваа за Истанбул од каде требаше да заминат за Мадагаскар на Самит на франкофонијата.

Утрово аеродромот „Александар Велики“ е отворен и ависообраќајот функционира нормално, по вчерашното одложување на летот на „Туркиш ерлајнс“ за Истанбул, соопшти ТАВ Македонија.

- Во текот на редовната безбедносна проверка на авионот за вчерашниот (23 ноември) вечерен лет кон Истанбул беше пронајден оставен мобилен телефон. Поради безбедносните правила на авиокомпанијата и одлуката на капетанот, леталото се врати во позиција на паркирање за да се изврши дополнителна контрола. Ова е стандардна меѓународна процедура што се спроведува во име на безбедноста на леталата и на патниците. Поради неа, летот беше одложен. Откако сите услови беа исполнети, капетанот одлучи да продолжи со летот и авионот во средата во 22:56 часот полета кон Истанбул - наведуваат од ТАВ Македонија.

Нагласуваат дека малите одложувања на одредени летови видливи на аеродромската вебстраница се од вчераутро. Тие се резултат на густата магла и воопшто не се поврзани со одложениот лет кон Истанбул.